(ФОТО+ВИДЕО) Нови поплави во Тетово: Извлечено комбе со 11 патници, поплавени куќи, затворени улици  

Командирот на тетовската противпожарна единица вели дека имаат интервенции по неколку повици во Мала и Голема Речица, каде се испумува вода од куќи и нивните дворови и подруми

Заглавено комби возило, поплавени куќи, подруми, дворови и улици предизвика невремето што попладнево ја зафати Општина Тетово.

Поради интензивниот дожд тетовските пожарникари попладнево добиле зголемен број на повици од гражани кои имале потреба од нивна помош и интервенција.

Пожарникарите интервенирале во извлекување на комби возило во кое имало 11 патници, а кое било заглавено во подвозник на патот што води кон селото Сиричино. Во извлекувањето на возилото со јаже интервенирале четворица пожарникари со едно возило.

Интензивниот повеќечасовен дожд предизвикал поплавување и на коловозните ленти на булеварот „Благоја Тоска“ околу последниот кружен тек кај тетовската касарна. Во овој дел од страна на полицијата возилата се пренасочуваат да одат по други улици.

Командирот на тетовската противпожарна единица Авни Амети за МИА вели дека имаат интервенции по неколку повици во Мала и Голема Речица, каде се испумува вода од куќи и нивните дворови и подруми.

Веб-страницата Тетово Инфо на својот профил на Фејсбук објави видеа и фотографии од поплавените делови во градот. Последната информација што ја пренесуваат е дека пожарникарите извлекле возач што во автомобилот бил заглавен на пат кај тетовско Желино.

Поплавување на улици, дворови и куќи во Тетово и во Мала Речица имаше и пред две недели кога пожарникарите исто така испумпуваа вода.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) вечерва информираат дека претежно во западниот и централниот дел од земјава има поројни врнежи од дожд.

Од УХМР предупредуваат дека поради интензивните врнежи на мали теритотии и за кратко времетраење, можни се локални проблеми и локални излевања на помалите водотеци и суводолици во крајните западни и северо-западни делови од државата, пред се на оние кои доаѓаат од планинските масиви Шар Планина, Кораб и Дешат, Стогово и Караорман, Бистра и Јабланица.

Исто така, се нагласува и дека од поројни врнежи во градските населени места, Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Охрид, можни се локални урбани проблеми поради недоволен капацитет на атмосферската одведителна мрежа.

Од УХМР најавуваат дека под влијание на циклонска активност, од вечерва и во текот на ноќта, се очекуваат врнежи од дожд на цела територија на земјата. Пообилни се очекува да бидат врнежите во западните и северо-западните делови каде за време на престојната ноќ локално според прогностичките модели се очекува да наврнат над 40 литри на метар квадратен дожд. 

- Реклама -