(ФОТО+ВИДЕО) Израел изврши силен воздушен напад во Либан, Хезболах истрела стотици ракети врз позиции на ИДФ

Според израелската војска станува збор за чин на самоодбрана насочен кон елеминирање на заканите кои доаѓаат од Хезболах во Либан. Од друга страна, милитантното движење соопшти дека нападот со 320 ракети и голем број беспилотни летала на позиции на израелската војска бил во знак на одмазда за убиството на нивниот командант минатиот месец

Израелските одбранбени сили (ИДФ) утрово соопштија дека нивни борбени авиони нападнале позиции на Хезболах во јужен Либан, откако оцениле дека движењето поддржано од Иран се подготвува за ракетен напад на израелска територија. 

Беспилотно летално на Хезболах пресретнато и уништено од израелски борбен авион во близина на либанско-израелската граница / Фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

„Околу 100 воени авиони погодија и уништија илјадници ракетни фрлачи на Хезболах кои се наоѓаа во јужен Либан“, се вели во соопштението на ИДФ.  

Според израелските тврдења, повеќето од ракетните фрлачи на Хезболах биле насочени кон северниот, дел од нив и кон централниот дел на Израел.  

„Во чин на самоодбрана насочена кон елиминирање на заканите, израелските одбранбени сили напаѓаат терористички цели“,

изјави портпаролот на израелската војска Даниел Хагари. 

Израелските власти тврдат дека либанските цивили биле предупредени да ги напуштат областите каде што дејствува Хезболах.  

Министерството за здравство на Либан, според Би-би-си, соопштило дека најмалку едно лице загинало по израелски воздушен напад на автомобил во јужниот либански град Каим.  

Речиси истовремено, утрово, Хезболах објави дека извршила напади на Израел со беспилотни летала и ракети, во знак на одмазда за убиството на командантот на движењето минатиот месец.  

Нападот врз Израел, како што соопшти Хезболах, бил извршен со повеќе од 320 ракети и голем број беспилотни летала, а цел биле 11 воени позиции во северен Израел и Голанската висорамнина. 

По ова милитантното движење во Либан објави крај на нападите, додавајќи дека станува збор за прва фаза од одмазничките напади врз Израел.  

Сирените за воздушен напад, според медиумите, се огласиле низ северен Израел, а меѓународниот аердром „Бен-Гурион“ привремено ги пренасочил дојдовните летови и ги одложил полетувањата.  

Израелската управа за аеродроми објави дека летовите се обновени во 7 часот наутро по локално време.

САД со внимание ја следат ситуацијата

Во меѓувреме портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Шон Савет изјави дека американскиот претседател Џо Бајден ги следи настаните во Израел и Либан, пренесе Асошиејтед прес (АП). 

 „Според неговите упатства, високи американски функционери континуирано комуницираат со нивните израелски колеги. Ние ќе продолжиме да го поддржуваме правото на Израел да се брани и ќе продолжиме да работиме за регионалната стабилност“,

изјавил Савет. 

Борбен авион на израелската војска во близина границата со Либан / Фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Пентагон објави дека американскиот министер за одбрана Лојд Остин разговарал со неговиот израелски колега Јоав Галант за одбраната на Израел од Хезболах. 

„Остин ја потврди цврстата посветеност на Соединетите држави да го бранат Израел од какви било напади од Иран и неговите регионални партнери и посредници“,

се вели во соопштението. 

Министерот за одбрана на Израел минатата недела изјави дека распоредуваат дополнителни трупи на либанската граница во очекување на можни судири со Хезболах.  

Инаку, либанската милитантна група, која ја има поддршката на Иран, речиси секојдневно врши напади врз Израел од почетокот на војната во Газа меѓу Израел и Хамас, која почна лани во октомври.  

Во последните неколку недели, дипломати од САД и од европските земји, во серија посети на Израел и Либан, се обидоа да ја потиснат ескалацијата, плашејќи се дека таа може да прерасне во регионална војна. 

Тешката размена на оган се заканува да предизвика општа војна во која би можеле да бидат вклучени САД, Иран, како и милитантни групи низ целиот регион, пишува АП. 

Тоа, исто така, може да ги попречи напорите за постигнување на договор за прекин на огнот во Газа, имајќи предвид дека Египет ќе биде домаќин на нова рунда разговори чија цел е да се стави крај на војната меѓу Израел и Хамас. 

 Хезболах најави дека ќе престане со борбите доколку дојде до прекин на огнот во Газа. Иран ги поддржува двете групи, како и милитантите во Сирија, Ирак и Јемен кои би можеле да се приклучат доколку дојде до голем конфликт. 

САД и Израел, како што пишува АП, проценуваат дека Хезболах има околу 150 000 ракети и е способна да ја погоди било која цел во Израел, Групата има развиено и беспилотни летала способни да ја избегнат одбраната на Израел, како и прецизно наведувана муниција. 

- Реклама -