Министерот за здравство информира дека од пред три дена, кога официјално започна имунизацијата против сезонски грип, досега се вакцинирани околу 10 илјади граѓани
Министерот за здравство Арбен Таравари утринава се вакцинираше против сезонски грип на пунктот за вакцинација на здравствените работници во просториите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Ја искористив приликата заедно со директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, како лекар, па и како министер за здравство, да ја примам сезонската вакцина, бидејќи, нели, превентивата е најдобар начин да се заштитиме од појава на сезонски грип, посебно ние како здравствени работници. Во ИЈЗ може да се вакцинираат здравствените работници. Таму се формирани и мобилни тимпови кои од денес ќе одат по здравствените установи“,
рече Таравари во изјава за медиумите.
Министерот информира дека од пред три дена, кога официјално започна имунизацијата против сезонски грип, досега се вакцинирани околу 10 илјади граѓани. За сезонската имунизација досега се пријавени околу 52 илајди граѓани кои треба да ја примат вакцината на 36 пункта низ државата.
„Ги повикувам сите граѓани, особено оние од ранливите категории, да ја примат вакцината зашто оневозможуваат да се појават компликации, посебно кај повозрасни луѓе кои имаат и други коморбидитети“,
порача министерот за здравство.
Таравари најави дека Министерството за здравство во ноември или декември годинава ќе промовира стратегија за вакцинација во која ќе бидат наведени и законските чекори што можат да ги преземат во однос на активаксерството. Во изработка на стратегијата ќе учествува и Светската здравствена организација (СЗО).
„За жал, антиваксерсрството не само во Македонија, туку и во светски рамки зема се поголем замав. Со СЗО подготвуваме стратегија за вакцинација и се надевам во ноември или почеток на декември ќе ја промовираме и ќе кажеме законски што можеме да преземеме на овој план“,
рече Таравари.