Жителите на селото Туласендрапурам во јужна Индија, каде што е роден дедото на кандидатката за претседател на САД, Камала Харис, подготвуваат молитви во хинду храм за денот на изборите во вторник, оддалечен повеќе од 8.000 километри од Вашингтон.
Паинагаду Венкатараман Гопалан, дедото на Харис по мајка, е роден пред повеќе од сто години во селото Туласендрапурам, кое сега е дел од индиската сојузна држава Тамил Наду.
„Во вторник наутро во храмот ќе се одржи посебна молитва“, вели Г.Маникандан, селанец кој води мала продавница во близина на храмот. „Ако победи, ќе има прослави“.
Името на демократската претседателска кандидатка, покрај името на нејзиниот дедо, е врежано во каменот во храмот, каде што се наведени донациите. Надвор беше поставен голем плакат со кој на „ќерката на земјата“ ѝ посакува успех на изборите.
Гопалан и неговото семејство се преселиле на неколку стотици километри во крајбрежниот град Ченаи, главниот град на Тамил Наду, каде што работел како висок владин функционер до неговото пензионирање.
Селото привлече меѓународно внимание пред четири години кога неговите жители се молеа за победа на Демократската партија на изборите во 2020 година, пред да ја прослават инаугурацијата на Харис како американска потпретседателка со огномет и храна.