(ФОТО) Поплавите во кои загинаа 21 лице, стигнаа до Италија

Во Пескара веќе се пријавени поплави, а италијанската метеоролошка служба издаде предупредување кое се однесува на северниот брег на Емилија Ромања на крајниот југ од земјата

Интензивното невреме во кое загинаа 21 лице во централна Европа стигна и до Италија, каде во поголемиот дел од земјата се издадени предупредувања за силен дожд, силен ветер и поплави.

Во Пескара веќе се пријавени поплави, а италијанската метеоролошка служба издаде предупредување кое се однесува на северниот брег на Емилија Ромања на крајниот југ од земјата.

На поплави во наредните денови предупредуваат и властите во Хрватска, Унгарија и Словачка.

Значителни поплави предизвика бурата Борис, која донесе големи количества дожд и снег во текот на викендот.

Повеќе од 5 000 војници беа распоредени да им помогнат на луѓето во јужна Полска, а околу 40 000 жители беа евакуирани од градот Ниса.

Чистење по поплавите во југозападна Полска, Фото: EPA-EFE/KRZYSZTOF CESARZ POLAND OUT

Полскиот премиер Доналд Туск прогласи едномесечна состојба на природна катастрофа, бидејќи се предвидува дека во среда ќе биде поплавен и Вроцлав, јави Би-би-си.

Областите долж чешко-полската граница се меѓу најтешко погодените, а чешките власти евакуираа повеќе од 15 000 луѓе.

Чешка е погодена од најтешките поплави во последните 27 години, а Острава е еден од најтешко погодените градови, откако реката Одра се излеа од коритото по обилните врнежи.

Најмалку тројца загинати, неколку лица исчезнати по поплавите во Чешка, Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Нивото на водата продолжува брзо да расте на Дунав и во Словачка и Унгарија, што ги натера Братислава и Будимпешта да се подготват за можни поплави.

- Реклама -