(ФОТО) Израел изврши воздушни напади во јужниот дел на Бејрут

Воздушните напади врз областите на главниот град на Либан кои ги контролира движењето Хезболах продолжуваат, паралелно со копнената инвазија која Израел ја започна на југот на земјата пред неколку дена

Јужните предградија на Бејрут контролирани од шиитското движење Хезболах и денеска беа цел на напади на израелските бомбардери. Во текот на ноќта и денот, силни експлозии одекнуваа од различни делови на јужниот дел на главниот град на Либан. Очевидци за тамошните медиуми сведочат дека овие напади биле најмоќните досега и оти израелските воздушни сили извршиле над десет разорни напади.

„Ова е најголемиот напад од почетокот на израелската офанзива врз Бејрут“,

изјавија очевидци за либанските медиуми.

Израелската армија потврди дека нејзините воздушни сили извршиле серија прецизни удари врз складишта за оружје и терористичка инфраструктура на Хезболах во реонот на Бејрут, но либанските власти сè уште не соопштија кои објекти биле погодени и какви штети предизвикале ракетите.

Израелската армија соопшти и дека во воздушен напад во јужниот дел на Либан, во селото Кафр Кила е убиен командант на Хезболах, за кој тие велат дека е одговорен за смртоносните ракетни напади кои се случија во јануари годинава.

„Хачер Али Тавил е одговорен за нападот во кој беа убиени Барак Ајалон (45) и неговата мајка Мири Ајалон (76), кога противтенковска ракета погоди нивната куќа во Кфар Јувал, на северот од Израел“,

соопштија од израелската армија.

- Реклама -