(Фото) И Тошковски соопштува дека добил опомена за возење од 51 км/ч наместо дозволените 50 км/ч: „Се возев со моето приватно возило“

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, утрово примил смс-порака за сообраќаен прекршок, забележан од системот „Безбеден град“, додека се упатувал кон Кавадарци, каде денеска се одржува партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Според објавеното, системот регистрирал брзина што ја надминала дозволената од само 1 километар на час.

„Ова е одличен пример за функционирањето на државата. Системот важи за сите и ако забележи прекршок – следи санкција, без оглед на тоа кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегии“, истакна Тошковски.

Тој нагласи дека управувањето со возило е обврска, а не привилегија, и дека токму преку личен пример се гради доверба во институциите, како и безбедност на патиштата. Според него, „Безбеден град“ не е алатка за казнување, туку систем за воспоставување ред, дисциплина и спречување на трагедии.

„Со оглед на алармантниот број на жртви на патиштата, мора да покажеме лична одговорност. Државата ќе биде посигурна само ако законите важат подеднакво за сите – вклучувајќи и нас, кои сме најодговорни за нивното спроведување“, додаде министерот.