Група малолетници вечарвечер обиле багер, го вклучиле, се возеле и попат удриле во еден автомобил и оштетиле систем за наводнување. Инцидентот, како што на Фејсбук соопшти градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, се случил во паркот во Капиштец каде багерот бил паркиран поради реконструктивни зафати во тој дел од населбата.
„Ова е втор ваков инцидент во овој реон, откако пред неколку месеци беше обиен и ограбен комуналниот пункт на Општина Центар. Апелирам до родителите: Разговарајте со своите деца за последиците од ваквите постапки. Јавното добро е за сите нас. Вандализмот мора да запре!“,
напиша Герасимовски на Фејсбук.
Пред неколку месеци беа објавени видео снимки од група тинејџери како уништуваат дел од опремата во детско игралиште во Капиштец.