Концернот Ford објави дека формира фонд за специјална стипендија за млади и перспективни дизајнери, кои работат во автомобилската индустрија. Таа ќе биде доделена во спомен на починатиот, во почетокот на месецов Вилијам Клеј Форд, последниот од внуците на легендарниот основач на компанијата.
Вилијам Клеј Форд го предводеше Советот на директори на Ford до 1984 година, а во 1957 година стана шеф на дизајн центрите на концернот, со неполни 32 години. Тој работел врз неколку класични модели на брендот, пред се во основата на промената на нивниот дизајн. Во чест на ова, а со цел за помагање на перспективни дизајнери, Концернот ќе одвои фонд за стипендии од еден милион долари. Оваа сума ќе биде распределена на неколку млади и перспективни креатори. Во текот на 20 години специјална комисија ќе одредува по пет кандидати достојни да добиваат по 10.000 долари годишно.
Засега не се соопштува каде точно ќе се бараат кандидатите и дали износот е наменета само за таленти во САД. Од Ford најавија дека ќе дадат детали подоцна.