Фондацијата Заев донираше шест мотоцикли за македонската полиција

Во кругот на Министерството за внатрешни работи денеска беше предадена донација од Фондацијата Заев, која се состои од шест мотоцикли за потребите на македонската полиција, соопшти МВР.

Директорот на Фондацијата Зоран Заев, ја предаде донацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со цел подобри резултати на повеќе организациони единици при Министерството, велат од МВР.

„Министерството за внатрешни работи има силен сојузник во Фондацијата Заев, чијашто помош и поддршка се од огромно значење за дополнително зајакнување на капацитетите, а со цел зголемување на ефикасноста при оперативното работење на единиците при МВР. Тоа значи дека го модернизираме возниот парк по највисоки стандарди, а со тоа придонесуваме кон уште поголема безбедност на граѓаните и државата“, се наведува во соопштението.

Министерот Спасовски, исто така, во свое и во име на МВР, изразил благодарност до Фондацијата Заев за донацијата, при што истакнал дека безбедноста зависи од секој поединец и ја креираат сите општествени чинители и затоа е од клучна важност да се препознае општествената одговорност, а потоа и да се дејствува во таа насока.

Спасовски подвлече дека мотоциклите се наменети исклучиво за оперативната работа на полициските служби.

- Реклама -