Фон дер Лајен: Следниот месец ЕК ќе предложи идеи за функционирање на ЕУ со 30+ земји

На декемвриското заседание на Европскиот совет ја потврдивме нашата колективна посветеност на иднина во која сите шест партнери од Западниот Балкан ќе бидат дел од нашата Унија, но за тоа како во пракса ќе функционира таа Унијата од над 30 земји одговорот можеме да го дадеме само ние што сме внатре во ЕУ, порача денеска претседателката на Европската комисија во обраќањето пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

– Овој Дом веќе даде храбри идеи за реформа на нашите договори. Следниот месец, Комисијата ќе ги претстави нашите идеи до Европскиот парламент и Советот на ЕУ, пред лидерската дискусија организирана од белгиското претседателство, нагласи Фон дер Лајен во обраќањето посветено на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ.

Таа се осврна и на одлуката на лидерите на ЕУ за старт на преговорите со Украина, нагласувајќи дека таквото решение ги „исполнило со надеж и радост срцата на милиони Украинци“, кои, според неа, секојдневно покажуваат колку им значи Европа.

– Сега мора да се надоврземе на политичката одлука што ја донесовме на Европскиот совет. Во подготовките за пристапните преговори, го започнуваме процесот на скрининг и ја составуваме преговарачката рамка. А во меѓувреме, ќе почнеме да работиме и на сопствени реформи, за да се подготвиме за Унија од 30 плус земји членки, истакна Фон дер Лајен.

Таа потсети и дека на Самитот е донесена одлука и за започнување на пристапните преговори со Молдавија и со Босна и Херцеговина, кога ќе се исполнат потребните критериуми, а на Грузија и беше доделен кандидатски статус.

Претседателката на ЕК истакна дека последниот Европски совет ја покажал политичката волја на ЕУ да застане за Украина онолку долго колку што е потребно, но таквата одлука ќе мора да биде поддржано со соодветно, стабилно и значително финансирање во следните четири години за да се поддржи секојдневното функционирање на државата, да се стабилизира нејзината економија и таа да се доближи до Унијата.

Прочитајте и:  Кремљ одби да ги коментира обвиненијата за напад со „Кинжал“

– И сето ова бара ажуриран буџет на ЕУ. Не се работи само за Украина. Станува збор за конкурентноста, се работи за миграција, се работи за нашата поддршка за Западниот Балкан, станува збор за солидарност кога се случуваат природни катастрофи, како поплави и пожари. Тоа се приоритети кои ги споделуваме колективно, додаде Фон дер Лајен, изразувајќи надеж дека е можен консензус на сите 27 земји членки за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, која не беше усвоена на декемврискиот Самиот, поради ветото од страна на Унгарија.

Претседателката на ЕК се осврна и на состојбата со миграцијата, потсетувајќи дека по речиси десет години расправи и поделби, конечно е постигнат договор за новиот пакт за миграција и азил и апелирајќи до европратениците да го одобрат пред истекот на нивниот актуелен мандат.

Фон дер Лајен истакна дека најголемата лекција што беше научена изминативе четири години е дека Европа е силна само кога е обединета, па затоа во услови кога светот е во ера на конфликти, конфронтации, фрагментација и страв, ЕУ ќе може да се справи со овие тешките предизвици само ако биде единствена.

– Штотуку започна глобалната година на избори. Тоа е часот на демократијата, вклучително и овде во Европа. Но, светот околу нас продолжува да се врти. Две крвави војни продолжуваат да беснеат надвор од нашите граници. Страдањето на луѓето е огромно, а последиците се чувствуваат и надвор од Украина и Газа. По енергетските и прехранбените кризи кои ги започна Русија, сега глобалната трговија е нарушена и поради теророт на Хутите во Црвеното Море, додаде Фон дер Лајен.

- Реклама -