Фон дер Лајен рече дека загинале над 100.000 украински воени офицери, ЕК ја избриша изјавата (ВИДЕО)

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во денешниот говор рече дека се проценува дека над 20.000 цивили и над 100.000 украински воени офицери се убиени досега во војната во Украина.

Европската Комисија подоцна се извини и соопшти дека презентираните податоци се неточни, со образложение дека проценката вклучувала и повредени и загинати. Тој дел од изјавата на Фон дер Лајен, конкретната реченица, потоа беше отстранета од транскриптот на веб страната на ЕК, но и од видео снимката на нејзиниот говор. На Твитер може да се најде споредба меѓу двете видеа:

Портпаролот на украинскиот Генералштаб одби да ги коментира објавените бројки, но повтори дека Русија ќе биде казнета за нејзините постапки во Украина.

Од речиси самиот почеток, Украинците избегнуваат да соопштат прецизни, па и груби бројки за сопствените загуби, стравувајќи дека Русија ќе ја употреби таквата информација, но можеби и од можноста тоа да влијае на моралот на украинските сили.

Прочитајте и:  Орбан: Опасноста од ескалација на војната никогаш не била поголема

Фон дер Лајен, инаку, рече и дека Европската Унија ќе формира специјален суд за „злосторничката агресија против Украина“, односно за тоа што руската армија ја преминала украинската граница и ја започнала инвазијата. Во последниве месеци, Киев активно води кампања за формирање на специјален суд кој ќе ја гони Русија за инвазијата.

Тој суд би требал да овозможи кривични судски процеси против највисоките руски функционери, вклучувајќи ги и рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Судот не би требало да спроведува сеопфатни истраги, имајќи предвид дека огромното мнозинство претставници во Генералното собрание на ОН се согласија дека Русија извршила кривично дело агресија.

Извор: МИА

- Реклама -