Фон дер Лајен и Јохансон слетаа во Скопје, ги пречека Маричиќ

Претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарката за внатрешни работи – Илва Јохансон, слетаа на Меѓународниот аеродром Скопје. Ги пречека вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ.

Како што информираа од Секретаријатот за европски прашања Маричиќ им посакал успешни и конструктивни средби со највисоките државни претставници, на кои ќе се разговара за заедничката соработка и делување во решавањето на енергетската и економска криза.

„Убави вести и убав повод имаат претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, и еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, за денешната посета на нашата земја. Добредојдовте“, напиша Маричиќ на својот Фејсбук профил.

Фон дер Лајен, со денешната посета на Скопје ја започнува нејзината турнеја низ земјите на Западен Балкан, во чии рамки ќе оствари средби со премиерот Димитар Ковачевски и со претседателот на државата Стево Пендаровски.

Прочитајте и:  Мицкоски на работен ручек со Фон дер Лајен и колегите од Западен Балкан

Заедно со Ковачевски, таа ќе присуствува на потпишувањето на Договорот со Фронтекс во Владата. Договорот, ќе го потпишат чешкиот амбасадор Јарослав Лудва како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ, и комесарката Јохансон во име на ЕУ, а од македонска страна потписот ќе го стави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

По потпишувањето на договорот ќе следи прес-конференција на премиерот Ковачевски и претседателката Фон дер Лајен во прес-центарот на Владата.

Извор: МИА

- Реклама -