Финска и Шведска со една нога во НАТО

Финска и Шведска се сѐ поблиску до одлуката за најверојатна нивна кандидатура за членство во НАТО, а официјалната објава на таквата одлука се очекува наредните денови, навести финскиот државен врв. На нешто помалку од три месеци од почетокот на војната во Украина, двете балтички земји, соочени со потенцијална руска закана, се наоѓаат пред вратите на западната воена алијанса во потрага по безбедносна заштита, која особено ја посакуваат од САД, пишуваат француските медиуми.

„Речиси сто проценти е сигурно дека Финска ќе биде кандидат за членство и најверојатно членка на НАТО до крајот на годината“, оценува Чарли Салониус-Пастернак од Финскиот институт за меѓународни односи, пренесува агенцијата Бета.

Војната во Украина целосно го промени јавното мислење во Финска и во Шведска, што инаку беше доста поделено до пред руската интервенција. Според анкетата на финската телевизија „Иле“, 76 отсто од Финците го поддржуваат членството на земјата во НАТО. Последните неколку години поддршка на членството во НАТО се движеше од 20 до 30 проценти.

Во Шведска, владејачките социјалдемократи, чие зелено светло за прием во НАТО ќе обезбеди јасно мнозинство во Парламентот, најавија дека својата одлука ќе ја објават во недела. Иако Стокхолм изгледа повнимателен од Хелсинки по ова прашање, Елизабет Брау – воен експерт за нордиските земји во Американскиот институт за претприемништво (AEI), е уверена дека Шведска „најверојатно“ ќе ја донесе одлуката заедно со Финска.

Финскиот претседател Саули Нинисто најави дека утре ќе го соопшти својот став по прашањето, додека премиерката Сана Марин тоа ќе го стори најдоцна до сабота. Весникот „Илталехти“ пишува дека Комитетот составен од две гранки на финската извршна власт, како и министри, треба да се состане в недела за да донесе конечна одлука.

Марин, сепак, повикувајќи ја меѓународната заедница да се обедини во заострување на санкциите кон Русија, веќе го навести нејзиниот став – дека влезот на Финска земја во НАТО ќе значи безбедност за нејзините граѓаните.

„Ако Финска го направи овој историски исчекор, тоа е за безбедноста на нашите граѓани. Членството во НАТО ќе ја зајакне целата меѓународна заедница, која се бори за истите вредности“, рече Марин за време на разговорите со јапонскиот премиер Фумиo Кишида во Токио.

Вчера и комисијата на финскиот Парламент задолжена за одбрана оцени дека влезот во НАТО е најдобрата опција што ја гарантира националната безбедност на земјата. Тоа ќе ја зајакне националната одбранбена способност на Финска со поддршка на значајните воени ресурси на Унијата, нагласи претседателот на комисијата и лидер на опозицијата – Петер Орпоф, од Националната коалиција. Покрај тоа, Комисијата смета и дека членството на Финска во Алијансата значително ќе ги зголеми шансите на земјата да избегне да стане „цел на руска агресија“.

Слични сигнали доаѓаат и од Шведска. Министерот за одбрана – Петер Хултквист, вчера, за шведското радио, изјави дека одбранбените капацитети на нордискиот регион ќе се зајакнат доколку овие две земји се приклучат кон НАТО.

„Членството ќе има ефект така што ќе ги искористиме нашите меѓусебни сили и предности и целосно ќе се надополнуваме, а исто така ќе спроведеме оперативно планирање. Ефектот ќе биде дека заедно ќе станеме посилни. Тоа е нешто што може да се случи ако избереме да се приклучиме кон НАТО“, рече Хулквист, кој доаѓа од редовите на владејачките социјалдемократи, кои со децении се противеа на членство на Шведска во Алијансата.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Земјата, патем, веќе има договори за одбрана со своите нордиски соседи, потсетуваат британските медиуми.

Двете нордиски земји денеска потпишаа и нови безбедносни договори со Велика Британија, согласно кои таа ќе ги поддржи нивните воени сили доколку бидат нападнати.

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој денеска ги посети двете земји, ги опиша договорите како „важна промена во одбранбената и безбедносната соработка“.

„Ние сме непоколебливи и недвосмислени во нашата поддршка за Шведска и Финска, а потпишувањето на овие безбедносни декларации е симбол на вечната доверба меѓу нашите нации“, наведе Џонсон.

Финска дели 1.300 километри граница со соседна Русија. Доколку се приклучи во НАТО, тоа ќе ја удвои копнената граница меѓу Русија и Алијансата – на околу 2.600 километри.

Москва веќе предупреди на „тешки политички и воени“ последици од таквата одлука на Финска или Шведска, вклучително и распоредување нуклеарно оружје на крајбрежјето на Балтичкото Море.

Финскиот претседател Нинисто, денеска на потпишувањето на политичката декларација со Џонсон, уште еднаш ги коментираше предупредувањата од Москва, изјавувајќи дека членството на Финска во Алијансата „нема да биде насочено против никого“, односно дека тоа ќе биде не непријателски, туку дефанзивен чекор за безбедноста на земјата.

Нинисто, притоа, му се обрати на рускиот претседател Владимир Путин, порачувајќи му да се „погледне во огледало“ затоа што тој ги предизвикал Шведска и Финска на чекор кон НАТО. Тој потсети дека Русија е подготвена да нападне своја соседна земја, што го покажала со инвазијата на Украина, и дека тој факт, заедно со заканите од Москва кои имплицираат дека двете нордиски земји немаат право на сопствена волја, го предизвикале нивниот чекор кон НАТО.

Инаку, шведските и финските лидери претходно во неколку наврати изразија загриженост дека можат да се најдат во ранлива позиција во однос на Русија во периодот од барањето до самото членство во НАТО, кој може да потрае и една година. Сепак, како САД, така и НАТО, веќе понудија силна посветеност и гаранции за безбедноста на двете земји во овој меѓу-период.

Идната седмица Финска и Шведска ќе одржат годишни воени вежби во Готланд, шведски остров стратешки лоциран во средината на Балтикот.

Со 12 илјади професионални војници и 21 илјада регрути и армија што би ги собрала 280 илјади луѓе под опружје во случај на војна, како и моќна артилерија и 60 борбени авиони, Финска е моќна воена сила за држава со само 5.5 милиони жители.

Шведска има модерна армија што ги исполнува стандардите на НАТО и развиена воена индустрија и врвна воена техника.

Извор: МИА

- Реклама -