Финалната верзија на Peugeot 208 GTI најавена за Париз

На автомобилскиот салон во Париз, на крајот на септември, Peugeot ќе го претстави најновиот спортски автомобил 208 GTI. Концептната верзија на 208 GTI блесна во Женева, а како што ветија од францускиот производител, продукциската верзија е веќе подготвена и може да се нарача оваа есен, а испораката на првите возила ќе биде на стартот на идната година.

Peugeot 208 GTI, кој се смета за наследник на популарниот 205 GTI е базиран на Peugeot 208 хечбек, но со извесни промени во аеродинамиката и под хаубата. Спортската изведба вклучува аеродинамичен пакет со елегантни лакови на крилата под кои се сместени спортските петкраки 18-инчни фелни.

Пакетот вклучува и странични спојлери, заден дифузер со двоен хромиран издув со црвени детали и спојлер сместен во горниот дел од автомобилот. Екстериерот вклучува и метална рамка за предната маска чиј долен дел може да биде декориран со знамето на земјата во која е купен автомобилот.  На страничите панели на задниот дел од возилото се наоѓа GTI логото, слично како и кај претходникот 205 GTI.

Ентериерот на автомобилот добива нов и освежен изглед. Има вграден кожен волан со зарамнет долен дел и нови спортски седишта обложени во комбинација од Nappa кожа и текстил. Централната конзола и таблата со инструменти се изработени од црна Alcantara со сиви рабови, а има и нови алуминиумски педали.

Под хаубата ќе биде сместен истиот 1,6 литарски турбо мотор со четири цилиндри кој се вградува и во Peugeot RCZ купе. Моторот е со моќ од  200КЅ и максимален вртежен момент од 254Nm, во спрега со мануелен 6-степен менувач. Peugeot 208 GTI има и ново подобрено потпирање и нов систем за сопирање.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -