Филипче: Животот ќе почне да се враќа во нормала, но нема веднаш сè да биде исто како претходно

Сите мерки што ги преземавме во борбата против корона вирусот беа навремени и очекуваме да дадат резултат на почетокот на мај, кога бројот на заболени ќе опаѓа и ќе можеме да ги олабавуваме мерките, истакна предмалку министерот за здравство Венко Филипче на владината онлајн прес-конференција.

-Сите препораки ги црпевме од стручни луѓе со многу знаење и искуство, кои биле вклучени во справување со епидемијата со морбили, птичји грип итн. Треба да се консолидираме, да ги организираме институциите во заедничка работа, мултидисциплинарниот пристап бара многу време и енергија. После идентификувањето на првиот заболен пациент во јануари, се одредија јавноздравствените установи, се направи анализа на кревети, респираторни машини, анализа на терапијата. Се уште во светот нема одредено универзална терапија за пациентите – рече Филипче.

Тој додаде дека била донесена одлука да се постави мобилна болница за да се зголеми капацитетот на инфективната клиника на брз начин, се одредил систем на ротација на медицинските работници, се организирале производствените капацитети со физичка дистанца, се донеле забрани за движење и раздвојување на двете ризични категории за трансмисија на болеста и за нејзино третирање – младите и старите.

-Сите првични мерки и подоцнежните надградени мерки не донесе до ситуација да имаме линеарен пораст на пациенти, а не да се дуплира овој пораст секој ден и да колабрира здравствениот систем, како што се случи во Италија и Шпанија. Сите мерки ни овозможија да имаме број на пациенти кој може да се прими во болниците и да се третираат. Инаку, се уште има слободен капацитет за нови пациенти – истакна Филипче.

Тој порача дека после бурата доаѓа сонце и животот набрзо ќе се враќа во нормала, иако, како што рече, нема да биде исто како претходно, односно во догледно време ќе треба дистанца во фабриките, автобусите, рестораните, а воедно ќе биде потребна целосна реорганизација на здравствениот систем.

- Реклама -