Република Бугарија од секоја пратка на вакцини против КОВИД-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја. Ова утрово беше одлучено на владината седница во Софија, каде присуствуваше и свое обраќање имаше и министерот за здравство д-р Венко Филипче, информираат од Министерството за здравство.
Со оваа одлука, велат од министерството, во нашата земја вакцини против КОВИД-19 ќе стигнуваат во исто време како и во останатите земји членки на Европската Унија.
Филипче, инаку, во Софија беше на покана на премиерот Бојко Борисов и министерот за здравство проф. Костадин Ангелов. По завршувањето на владината седница, во вестите на телевизија „Сител“, Филипче ја објасни одлуката на бугарската влада.
„На денешната седница од страна на Владата на Република Бугарија се донесе одлука од секоја колична вакцини против Ковид 19, која стигнува во Република Бугарија, една одредена количина да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација. Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стигнуваат и земјите членки на Европската Унија. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 % од населението“, изјави Филипче.
Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, во Софија прва ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра Зенека.
„Веќе разговаравме и за техничките детали во однос на испораката, верувам дека во исто време ќе добиеме дел од вакцините како и земјите од ЕУ“, рече Филипче.
Освен преку донација од Република Бугарија, нашата земја обезбеди вакцини и преку Ковакс механизмот, додаваат од министерството. Европската Унијата за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош на нашата земја ѝ понудија Полска и Грција. Република Северна Македонија преговара и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив.