Филипче: Во екот сме на третиот бран, сѐ уште има сосема доволен број болнички кревети

„Евидентно е дека се наоѓаме во екот на третиот бран од почетокот на пандемијата“, изјави министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата по состанокот на Комисијата за заразни болести, која оцени дека во моментов нема потреба од нови мерки покрај полицискиот час кој е на сила.

Во изминатите четири недели (оваа е петта) имаме постојан раст и зголемување на бројот на активните случаи. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, во моментов има 11.889 активни случаи на ковид-19, од кои над 5.000 за еден месец, односно во периодот од 15 февруари до 15 март, истакна Филипче.

Тоа што се забележува е дека во оние градови кадешто во изминатите две до три недели имаше значајно зголемување на инциденцата, таа сега е нешто намалена, но има зголемување во други градови, во кои ситуацијата беше прилично мирна, додаде министерот.

Во однос на болниците, Филипче тврди дека сѐ уште има доволен број кревети.

„Последните извештаи говорат дека имаме околу 1.100 пополнети болнички места. Ова значи дека притисокот во изминатите денови, посебно во Скопје, беше навистина голем и во таа смисла правевме систем на менаџирање, систем на координација со сите директори, прво на јавно-здравствените установи и болници тука во Скопје, а понатаму и со директорите на останатите болници во државата, а во насока на прилагодување на капацитетите и отворање на нови одделенија со дополнителен број на болнички места.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

Во таа смисла, сите интерни клиники, онака како што беа претходно, сега се ковид центри. Тука има еден одреден број на слободни кревети – нешто помал од она што беше во текот на кризата во месец ноември, и затоа во функција е и едно одделение на хируршките клиники кое за време на претходниот бран во ниту еден момент не се активираше. Меѓутоа, со таа координација и со дополнителните одделенија во болницата ‘8 Септември’ и во овој момент има сосема доволен број на болнички кревети за да се сместат пациенти, како од Скопје и околината, така и оние коишто се испраќаат од другите болници во државата“, вели Филипче.

Тој додаде дека во моментов сите ковид-центри се во функција, иако некаде се користат а некаде сѐ уште не, зависно од тоа како се менаџираат менаџираат болничките капацитети во рамки на сегашните постојни болници, не само на инфективните одделенија, туку и на сите други одделенија кои се пренаменија да бидат ковид-центри. Се користат ковид-центрите во Гевгелија, Велес, а се подготвени и може во било кој временски период да бидат пуштени и модуларните одделенија во Прилеп, Битола итн, сето тоа врз основа на секојдневната комуникација со Министерството, истакна Филипче.

- Реклама -