Филипче: Широкиот пристап на тестирање не ни носи поени, но го откриваме секој контакт на заболените

Со широкиот пристап на тестирање на сите контакти од висок ризик, за кратко време се идентификувани огромен број на асимтоматски носители на вирусот. Тоа е една од причините за разликата во бројките меѓу нас и другите држави, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Во вчерашното гостување во „Клик Плус“ на „ТВ21“, тој објасни дека на почетокот на овој бран здравствените власти се соочиле со поинаква ситуација – кластери од семејни настани од каде практично произлегоа позитивни пациенти. За разлика од почетокот на пандемијата, кога заразата доаѓаше преку лица од странство, во сегашната ситуација потешко е следењето на контакти и затоа бара широк пристап на тестирање, посочи Филипче.

„Направивме широк пристап на тестирање на сите контакти кои имале висок ризик. Сакавме да ги изолираме апсолутно сите луѓе кај кои ќе детектираме вирус, па дури и тие да се асимтоматски. Овој пристап за Министерството за здравство не носи многу поени заради тоа што има голем број на новодијагностицирани и некој ќе каже дека се разгорува епидемијата, но, апсолутно оди во интерес на јавното здравје. Со вакво тестирање на контактите, а имавме бројни контакти во рамките на семејствата, помеѓу семејствата и надворешни контакти со овие семејства, успеавме за кратко време да идентификуваме огромен број на асимтоматски носители на вирусот. Тоа да не се случеше, тие луѓе ќе шетаа низ градот и ќе го ширеа вирусот на неконтролиран начин“, рече тој.

Прочитајте и:  Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите

Во денешното гостување во „Само интервју“ на „Канал 5“, Филипче повтори дека се работи за широк пристап, дополнително правејќи споредба со регионот:

„Во Албанија не можете да се тестирате ако немате симптоми, исто и во Србија. Од таму е разликата во бројките меѓу нас и другите држави, кои не можеме да ги споредуваме како голи бројки, тоа се пациенти. 100 нови заразени во еден ден во нашата држава не може да се спореди со дневните бројки во другите држави; постојат други начини за одредување на бројките, тука има многу услови, особено дали се следат контактите на заболениот, она што ние го правиме периодов. Ние сме единствените кои тестирањата ги правиме екстензивно и стигаме и до последниот контакт на секој заболен“, рече Филипче.

„Овој принцип е поддржан од СЗО и стигнуваме навистина и до последните можни заболени. Овој пристап не се покажал неуспешен, туку напротив – му користи на јавното здравје. И затоа сега интензивно откриваме случаи“, додаде тој.

- Реклама -