Филипче: Протоколите се покажаа многу ефикасни, ќе биде сосема безбедно да се гласа (ВИДЕО)

Протоколите што ги изготвија Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за спречување на ширењето на вирусот при враќањето во нормала, се покажале многу ефикасни, а со таков протокол и за денот на изборите, гласањето ќе биде апсолутно безбедно, порача министерот за здравство Венко Филипче во видео обраќање до граѓаните.

„Почитувани, во изминатите 4 месеци, јас и колегите од Комисијата за заразни болести сме целосно посветени да обезбедиме препораки, закони и протоколи со кои ќе го спречиме ширењето на коронавирусот. Протоколите кои досега ги подготвивме за повторно отворање на бизнисите и нормализирање на животот по нови правила, се покажаа многу ефикасни. Се докажа дека со почитување на овие протоколи за лична заштита од коронавирусот, целосно е безбедно да се пазари во маркет, да се оди на работа или да се користи јавниот превоз. Тоа е едноставно нашата нова реалност и нов начин на живот.

Идната седмица се одржуваат предвремените парламентарни избори. Министерството за здравство, во соработка со другите институции, изготви сигурен и ефикасен Протокол за заштита на здравјето при гласање.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

Сакам, од мое лично име и од името на Комисијата, да ве уверам дека на денот на изборите ќе биде сосема безбедно да се гласа и со тоа да го остварите вашето граѓанско право. Гласањето нема да биде помалку безбедно од било која друга нормална активност која ја вршиме секојдневно, како на пример одењето во маркет. Строгиот Протокол и негова целосна имплементација се наша должност и одговорност, и се обврзуваме на граѓаните да им обезбедиме сигурна средина во која ќе може да гласаат“, порача Филипче.

- Реклама -