Министерот за здравство Венко Филипче денеска упати препорака од Комисијата за заразни болести до Владата да се затворат сите трговски центри за да се спречи ширењето на вирусот КОВИД-19.
На состаноците посебно станало збор за пекарите, на кои им е дозволено да работат, но не и да послужуваат во локалите.
„Апелирам пекарите да се ограничат, доколку е можно, само на шалтерско работење, да нема влегување во објектите“, рече министерот Филипче.
На денешната прес-конференција тој информираше дека состојбата на првата пациентка од Дебар кај која беше дијагностициран коронавирус во исто време со нејзиниот сопруг, ѝ се влошува и е приклучена на апарати за дишење. Филипче рече и дека меѓу новите четири случаи од Дебар има 15-годишно момче.
Тестовите на шестмината од Дебар и странецот сè уште не се готови, а уште двајца наши државјани кои дошле од Шпанија се тестираат за коронавирус.
Министерот за здравство информира дека во Скопје нема нови луѓе во карантин поврзани со директорката на Клиниката за кожни болести која е заразена со коронавирус.