Сите изминати денови интензивно се разговарало околу воведување на полициски час, што денеска до Владата го предложи Комисијата за заразни болести. Евидентно било, вели министерот Венко Филипче, дека во изминатите десетина дена се зголемува инциденцата, пред сѐ во Скопје, а потоа и во Кавадарци и Неготино, Прилеп и Охрид. Тоа резултира со зголемен прилив на пациенти во болниците.
„Ударот“ врз болниците во однос на приливот на пациенти не е така нагол како на почетокот на ноември, но бидејќи во моментов не може точно да се каже дали трендот на пораст ќе го следи тој бран, а здравствениот систем и властите треба да се подготвени, Комисијата за заразни болести смета дека со мерката за ограничување на движењето по 22 часот, доволно ќе се ублажи ситуацијата – објасни Филипче, прашан на која основа е донесена одлуката да се предложи полициски час.
Како што рече тој, ќе биде побарано полицискиот час да трае две недели (од 22 до 5 часот, секој ден, и преку викенд), колку што е времетраењето на еден епидемиолошки циклус. Но, зависно од ситуацијата, можно би било и продолжување.
Објаснувајќи ги причините, Филипче додаде и дека забележливо е групирањето и после 22 часот, односно по затворање на угостителски објекти, на јавните површини, без да се почитуваат мерките. Тој посочи дека и тој и Комисијата редовно апелираат до инспекторатите за да ја засилат контролата. На забелешката од новинарите дека кафулињата се преполни и групирања има и преку ден, министерот повтори дека во угостителските објекти има посебни протоколи и дека инспекторатите, кои добија зголемени ингеренции токму за таа намена, со засилени контроли можат да се погрижат за придржување до протоколите.
Според министерот за здравство, ситуацијата со болниците во моментов сѐ уште никаде во државата не е критична и сѐ уште има доволно болнички капацитети. Во однос на демографијата на пациентите и клиничката слика, тој вели дека нема некаква позначајна разлика сега, кога голем дел од заболените се од британскиот сој на вирусот, во однос на претходно.
Засега не се бара/нема да се бара одложување на пописот, одговори Филипче на новинарско прашање.
„Сакаме да го ублажиме овој тренд на зголемен број на прием на пациенти во болниците, така да, и околу нови мерки и други препораки, будно ја следиме ситуацијата. Засега, освен ова ништо друго не препорачуваме“, рече министерот.
Прашан дали ќе има полициски час/карантин за Рамазан, кој е во април, Филипче вели дека премногу е рано да се каже, но дека секојдневно (ќе) се следи ситуацијата.