Филипче: Оксфордската вакцина за Ковид-19 ќе биде бесплатна за граѓаните

Сѐ уште не се знае која ќе биде цената на оксфордската вакцина против Ковид-19, но дефинитивно е дека државата ќе издвои средства од буџетот и вакцинирањето ќе биде бесплатно за граѓаните, вели министерот за здравство Венко Филипче, во интервју за „Слободен печат“.

„Имаме два механизми во овој момент за набавка. Едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација. Потпишавме писмо на намери и овој механизам им овозможува на земјите рамноправно да им бидат распределени вакцините според бројот на населението тогаш кога ќе излезат на пазарот, од секој последователен производител. Во меѓувреме, добивме и понуда од полската амбасада, за што сакам да му изразам благодарност на амбасадорот на Полска во нашата земја. Земјите членки на Европската Унија потпишаа билатерални договори со компанијата која работи на оксфордската вакцина ‘Астра зенека’. Добивме понуда Полска да набави соодветна количина и за нас, заради тоа што нема да имаме можност за билатерален договор. Таков е пристапот. Дефинитивно, со два механизми обезбедуваме дека вакцината ќе биде достапна и за нашите граѓани, бесплатно“, вели Филипче.

Тој истакна дека не очекува отпорот кон вакцината за Ковид-19 да биде така голем како против други вакцини во минатото, бидејќи, како што вели, кога има болест за која нема вакцина, како сега Ковид-19, а која предизвикува и тешки последици, луѓето ја сфаќаат важноста на  вакцинацијата. Според него, свеста е зголемена и поради епидемијата на морбили откако антиваксерските лобија придонесоа родителите да допуштат да се намали процентот на имунизација кај децата.

- Реклама -