Филипче: Oчекуваме намалување на бројот на заразени на почетокот на мај

Министерот за здравство Венко Филипче оцени дека мерките биле донесени навремено и даваат резултати. Тој нагласи дека во моментов имаме линеарен пораст на бројот на пациенти, а очекува намалување на ширењето на болеста на почетокот на мај.

Зборувајќи на онлајн прес видеосесија Ковид-19 на тема „Ретроспектива: коронавирус МК“, министерот Филипче најави дека идниот месец би можело да дојде до попуштање на рестриктивните мерки.

„Во периодот кој што следи верувам дека мерките ќе дадат дополнителни резултати во смисла на тоа трансмисијата на болеста значително да се намали, па некаде на почеокот на мај да имаме период во кој бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува и ќе бидеме во ситуација да ги попуштаме рестриктивните мерки“, изјави Филипче.

Како што кажа министерот, болничките капацитети не се преполнети. Тој рече дека е искористен половина од иницијалниот капацитет на Инфективната клиника, околу дваесет проценти од болницата 8-ми Септември и сосема мал процент на исполнетост на инфективните одделенија на другите болници.

Сите земји во светот се соочуваат со истиот предизвик, а болеста ќе донесе трајни промени во животот и здравствените системи, додаде министерот за здравство.

- Реклама -