Филипче: Новите мерки нема да почнат утре, ќе дадеме разумен рок

„Ни утре, ни задутре нема да почнат новите мерки за влез и излез од државата. Ќе дадеме дадеме разумен рок – дали тоа ќе биде една недела или десетина дена, ќе соопштиме утре. Имаме предвид дека многу од нашите граѓани се на одмор, а други допрва треба да одат. Не сакаме да им предизвикаме дополнителен финансиски трошок“, рече вечерва министерот за здравство – Венко Филипче.

Во гостување на ТВ „Сител“, Филипче објасни дека и нашите и странските државјани ќе треба да приложат PCR тест не постар од 72 часа, сертификат дека ја прележале болеста стар 45 дена, или потврда дека се вакцинирани. Притоа, за децата нема да важи задолжителен PCR тест.

Филипче повтори дека вакцинацијата е единствениот механизам за излез од корона кризата. Со примени две дози, напомена, за 20 пати е намален ризикот од смртен исход ако некој се зарази.

„Има докази дека вакцината дава резултати, се докажува и ефикасноста. На милион дадени дози нема посериозен несакан ефект освен вообичаено црвенило или покачена телесна температура. Во промили се мерат бројките на вакцинирани, а новодијагностицирани и заразени“, истакна министерот и укажа дека се оптоварени болниците токму во градовите каде што е помал опфатот со вакцинацијата како во Тетово, Куманово, Гостивар.

Филипче потенцира и дека подолготраен е имунитетот стекнат со вакцинација и ревакцинација, отколку со прележување.

„Колективен имунитет се стекнува само со вакцинација и докажано е дека е потраен од оној стекнат со прележување на болеста. Битно е и тоа што со вакцинацијата ќе покажеме дека водиме сметка и за другите земји“, подвлече Филипче.

Во врска со вчерашните протести, рече дека не можеше да се слушне некаков аргумент за вакцините, ниту за нивната ефикасност или безбедност.

„Слушнавме, за жал, еден куп навреди и закани и кон здравствените работници кои тоа најмалку го заслужуваат зашто изгинаа од работа, деноноќно. Не заслужија некој да ги нарекува убијци. Тоа на ништо не личи. Навистина сум изненаден и разочаран“, рече Филипче.

МИА

- Реклама -