Филипче: Нема да нарачуваме „Спутник В“ од „Торлак“ во Србија, веќе имаме обезбедено 2.6 милиони вакцини

Од вчера во институтот „Торлак“ во Србија почна да се произведува руската вакцина „Спутник В“, со можност подоцна да биде извезувана и во регионот. Сепак, Македонија нема да нарачува од овие вакцини, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

Како што истакна тој, во овој момент не ни е потребна ниту една нарачка повеќе, затоа што, според планот, „веќе имаме обезбедено 2.6 милиони вакцини“.

Филипче информираше дека утрово е потврден и точниот датум за пристигнување на 200-те илјади дози кинески вакцини, а тоа е 28 април. До крајот на месецот треба да пристигнат и 20 илјади дози од „Фајзер“ – според најавата, по 10.000 на 19-ти и потоа уште 10.000 на 26 април.

Министерот потсети дека преку системот Ковакс и директниот договор со „Фајзер“ треба да пристигнат (2x) по 800.000 вакцини, а потоа и 200.000 руски вакцини, 100.000 преку системот на солидарност на ЕУ, како и уште 500.000 од кинеската „Синовак“ во текот на мај.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

Со пристигнување на најголемата пратка од 200 илјади кинески вакцини на 28 април, ќе се забрза динамиката на вакцинацијата и ќе се опфати и поголема група на граѓани, додаде Филипче. За денеска тој најави средба со градоначалниците и директорите на Здравствените домови од шесте градови каде што е планирано вакцинацијата да се одвива во големи центри по примерот на арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а тоа се Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово. Според Филипче, според планот и тоа како е поставен системот, нема да биде тешко да се постигне динамика од 7-10 илјади вакцинирани на ден.

- Реклама -