Министерот за здравство, Венко Филипче денеска излезе со нови мерки со цел да се сопре бројот на заболени од корона вирусот во Македонија.
Како што информираше тој, кафулињата, спортските обложувалници и казината ќе работат со скратено работно време.
„Капацитетот на кафулињата, спортските обложувалници и казината ќе биде преполовен и ќе се работи со скратено работно време. Ние разговаравме со колеги од Италија, кои ни порачаа дека со воведување на радикални мерки е запрено ширењето на вирусот“, истакна Филипче.
Доколку се утврди неправилност во цените во аптеките, ќе има санкции, порача министерот.
„Не е прифатливо цената на маските да се зголемува за 20 или 30 пати. Ќе бидеме внимателни и ќе се направи добра анализа. Од друга страна, не беше целта кафулињата да бидат полни со воведување на овие мерки. Во Италија е воведен полициски час, не сакаме до таму да дојдеме. Не сакаме да ни се случи Италија“, порача Филипче.