Филипче не сака преку ред, ќе се вакцинира со некоја од следните тури вакцини

Министерот за здравство Венко Филипче не сака да им го земе редот на здравствените работници кои се во директен контакт со пациентите и затоа против ковид ќе се вакцинира со вакцините од некоја од следните тури.

На новинарско прашање зошто не се вакцинирал прв, иако изјавил дека ќе се вакцинира меѓу првите, Филипче одговори:

„Здравствените работници се и тоа како свесни за важноста на имунизацијата. И тогаш кажав и сега повторувам, ќе се вакцинирам со цел да укажам и да покажам дека вакцините се безбедни, дека се развиени на безбедни платформи и дека тоа е единствениот начин да се развие колективен имунитет и да се смени сликата на пандемијата“.

„Не сакам да земам место од овие сега првични дози кои се навистина броени, на колегите коишто директно работат со пациентите. Но сигурно ќе се вакцинирам во некоја од следните тури на вакцини кои ќе дојдат, со цел да им покажам на граѓаните дека е тоа тоа што и тие треба да го направат“, додаде тој.

Сличен одговор Филипче имаше и пред два дена, за „360 степени“, кога соопшти дека ќе се вакцинира од втората пратка вакцини, затоа што им остава предност на неговите колеги од ковид-центрите низ државата, бидејќи се изложени на голем ризик.

- Реклама -