Филипче: Наскоро не очекуваме изненадувања, но есента ќе биде многу ризичен период

До утрово, во болниците низ земјава се хоспитализирани вкупно 421 пациенти болни или сомнителни на коронавирус. Во три од последниве четири дена, бројката на хоспитализирани надминува 420, со исклучок на 4 јули, кога биле хоспитализирани 419 пациенти. Претходно, само еднаш во болниците имаше над 420 пациенти, и тоа на 26 јуни, кога имаше рекордни 425 хоспитализирани. Оттогаш наваму, во последните 11 дена бројката на пациенти константно е над 400 (со исклучок на 28 јуни кога биле 393), и покрај тоа што во тие 11 дена се оздравени вкупно 1.034 пациенти (табелата ќе можете да ја видите на крајот од текстот).

Според министерот за здравство Венко Филипче, сепак, капацитети има повеќе од доволно, а и медицинскиот кадар, иако преморен, успешно се менаџира.

И во болницата во Битола и во болницата во Штип има слободни кревети, а на инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп нема одделение во кое нема слободни кревети во овој момент, информираше Филипче на денешната прес-конференција. Покрај тоа, целосно е завршена и инсталацијата за довод на кислород за модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје и таа е сега подготвена да прими пациенти, а завршена е и постапката за ист таков тип модуларна амбуланта која евентуално би послужила и како сместувачки капацитет за следниот период, а до Клиниката за пулмологија за следниот период. Целта, како што рече Филипче, е да се направи уште еден центар за тријажа на пациенти блиску до клиника кај што има експертиза во однос на третман на белодробни заболувања и да се растовари амбулантата којашто сега ја користат повеќе интернистички клиники кајшто влегуваат и пациенти со белодробни заболувања – Клиниката за гастроентерохепатологија, Ревматологија итн., односно делот зад старата зграда на интерните клиники, за да овие овие пациенти коишто имаат било каква белодробна симптоматологија во следниот период којшто доаѓа, а доаѓаат есенски месеци во коишто бројот на овие пациенти значајно се зголемува, целосно се одделат и дури и во амбулантскиот дел да се направи тријажа од сите други пациенти. На тој начин, рече министерот, ќе имаме два центри во рамките на Клиничкиот центар.

Филипче рече дека не очекува непријатни изненадувања во претстојниот период, вклучително и по одлуката за не/затворање на границите што ќе биде донесена зависно од проценката на ризикот, но повтори дека очекува сериозен предизвик за здравствениот систем наесен.

„Мислам дека не може да се споредиме со ниту една земја, затоа што имавме различни мерки, различен тајминг и имаме различен пристап. За разлика од некои од информациите што ги добиваме за некои од градовите во соседни земји кајшто процентот на новодијагностицирани од вкупниот број на тестови е навистина висок, мислам дека ние имавме соодветен и многу ран, добар пристап на широко тестирање за идентификација на позитивните случаи и нивно изолирање. И во таа смисла ова постепено олабавување на мерките во однос на протоколите коишто ги носиме (во однос на спортските натпревари без публика, базените, настаните и сето тоа со мерки какви околните земји воведоа покасно од нас – задолжително носење маска), мислам дека нѐ носи во ситуација во која апсолутно не можеме да се споредуваме. Останува граѓаните да се придржуваат до сите овие превентивни мерки и не очекувам дека и следниот период, имајќи ја предвид одлуката за границите, може да се случи некакво изненадување. Дури и за тоа сме спремни, еве со капацитетите итн., но со овој пристап – интензивно тестирање, анализа на контактите и ставање во изолација – сметам дека апсолутно имаме целосен увид во сите градови. И покрај тоа што Скопје и Тетово и регионот се жаришта, тука интензивно работат епидемиолозите, така да ништо не сме запоставиле и сѐ било строго контролирано и врз основа на дискусиите на Комисијата за заразни болести врз основа на одредени критериуми“, рече Филипче.

Сепак, во септември ситуацијата ќе биде поинаква и дека уште од сега се планираат капацитети и ротација на медицински персонал:

Прочитајте и:  Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, како последица на вирусот починале четири лица

„Според сите анализи и предвидувања останува претпоставката дека наесен вирусот побрзо и посилно ќе се шири. Нема да може луѓето да бидат надвор, ќе бидат повеќе во затворени простории, и во таа смисла и ова што го кажав претходно, дека работиме на подготовка на капацитетите за есенскиот период. Имав средба со повеќе директори на повеќе болници изминатите денови во Штип, Охрид, Битола, и разговаравме и ги разгледувавме евентуално дополнителните капацитети коишто би можеле да се користат како болнички. Има неколку студентски домови, ќе биде пршање на дискусија дали тие ќе можеме да ги користиме, во Охрид и Битола, коишто се сосем добри, солидни, со кујни, може да се сместуваат пациенти, но е прашање како тоа ќе се изменаџира во следниот период со Министерството за образование и како ќе бидат тие капацитети исполнети со студенти. Но, во секој случај, мислам дека во следниот период ќе имаме апсолутно целосно спремен план кои би биле дополнителни кревети кои би се користеле за сместување доколку се наметне како потреба во есенските месеци. Секако со план за ротација на медицинскиот персонал“, рече министерот.

Тој уште еднаш упати порака до граѓаните да ги почитуваат мерките:

„Светот е далеку од крај на пандемијата. Вирусот е тука, очигледно. Имаше повеќе земји коишто прогласија крај на епидемијата во своите земји и очигледно е дека погрешија – со попуштањето на рестриктивните мерки повторно се враќаат случаи насекаде. Сакам да апелирам до граѓаните за апсолутно и безусловно почитување на мерките – маска, дистанца, редовна хигиена, дезинфекција на рацете. Ќе повторам дека ова се универзални мерки коишто се базираат на истите принципи како и другите мерки во светот, нема друг начин во овој момент да се заштитиме од вирусот кој предизвикува Ковид-19. Живееме со вирусот, мора да го прифатиме тоа како реалност, да функционираме нормално, да работиме, па дури и да се дружиме, но само единствено со почитување на мерките. Само така ќе се заштитиме себеси, своите семејства, пријателите и нашите сограѓани. Така ќе ги заштитиме и ќе им помогнеме и на здравствените работници, кои еве речиси пет месеци деноноќно пожртвувано работат и се борат за секој човечки живот. Да ги почитуваме мерките и за да го зачуваме нашиот здравствен систем, да остане стабилен“, додаде Филипче, дообјаснувајќи ги ризиците што ги носат студените месеци:

„Есенските месеци лично сметам дека ќе бидат голем ризик за влошување на ситуацијата, со тоа што отворање на градинки, училишта и повторно поголема комуникација меѓу младите луѓе, е дополнителен ризик и затоа се и овие подготовки на дополнителен број на кревети надвор од сегашните болнички капацитети, како и распоред за ротација на лекари. Повторно е до сите нас, зашто колку повеќе ги почитуваме мерките и колку повеќе граѓани носат маска, толку и такви нормални активности организирани како претходно практично го сведуваат на минимум ризикот од пренос на вирусот. Секакво групирање е дополнителен ризик. Така да, таа повторна фреквенција на дружење на младите во школите и градинките, есенските месеци со поладно време, неможноста дури и граѓаните да чекаат ред пред некоја институција како шпто сега чекаат ред надвор – тогаш ако е времето лошо ќе мора да се внатре – сѐ е дополнителен ризик. И на тоа ни укажа и експертот од СЗО, дека и тие сметаат на овој ризик. Дополнителна мерка освен ова што ние сега го правиме, а и многу земји во светот, практично е рестрикција на движењето. Во светот и сега се прави тоа, кајшто ќе се оцени дека е потребно да се направи. Значи, ќе мора да сме свесни, апсолутно сите, дека ако не се придржуваме до мерките и има зголемена трансмисија на вирус и има поголем број на пациенти, ќе се воведуваат рестриктивни мерки. Есента е апсолутно еден многу ризичен период, не само за нашата, туку и за сите земји во регионот и во светот, би рекол“, порача министерот.

- Реклама -