„Целта е да се заштити здравјето на граѓаните и да се заштити здравствениот систем“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, во однос на новите рестриктивни мерки кои стапуваат на сила од денес.
„Во изминатиот период имаше огромен наплив на пациенти во болниците. Ние интервениравме со ангажирање на дополнителни одделенија, инсталирање на кислород, екстра кадар по системот на ротација и успеавме добро да го одржиме здравствениот систем и за секој пациент да обезбедиме болнички кревет според индикацијата за хоспитализација“, рече Филипче.
Тој појасни дека една од главните причини за новите мерки се претстојните празници, во контекст на минатогодишните искуства кога поради непочитување на мерките во празничните денови дојде до сериозно зголемување на бројот на новозаразени.
„Сега сме во период кога е навистина преоптеретен здравствениот систем, а пред нас се празници и, имајќи го искуството од претходната година, кога ваквите празници – конкретно рамазанските пости, еве сега се погодува и Велигден во истиот период – сериозно ја искомплицираа и усложнија епидемиолошката ситуација, сметаме дека доколку сега тоа се случи со веќе преоптерен здравствен систем, тоа ќе биде навистина кризна ситуација, нешто што навистина тешко ќе се менаџира. И тоа е причината зошто воведуваме дополнителни рестриктивни мерки – со цел да овој трет и навистина силен, досега најсилен бран, на некој начин забрзано да го завршиме“, рече Филипче.
На новинарско прашање дали одлуката сепак е политичка, со оглед дека следува само пар денови откако беше откажан пописот, но и во контекст на доскорешните негови и образложенија на Комисијата за заразни болести – дека вирусот е премногу раширен и нови мерки нема ништо да променат, министерот негира дека било кога мерките биле носени со политички мотиви.
„Никогаш досега, од лани кога започнавме со менаџирање на кризата, никогаш мерките не биле политички мотивирани и секогаш сме се воделе од заштита на јавното здравје како наш врвен приоритет. Точно е дека вирусот е широко распространет, а мерките коишто досега важеа гледаме дека се ефективни во тоа што навистина во многу градови веќе епидемиолошката крива се зарамнува и притисокот кон болниците – конкретно овие последни два-три дена во однос на она што беше до пред една недела, и во Скопје, и во дел од градовите, не секаде – веќе се намалува. Што значи дека и сегашните мерки даваат соодветни резултати. Но она што сакаме да го спречиме е: Во ваква ситуација, кога имаме преоптоварени болници, дополнително комплицирање на ситуацијата коешто очекуваме да се случи за време на празниците доколку не се почитуваат мерките, како што тоа беше случај лани, ние нема да можеме да издржиме, ниту пак ќе може добро да се изменаџира. И тоа е причина зошто сега во овој период, во пресрет на празниците, сметаме дека треба таква дополнителна рестрикција за дополнително да се намали притисокот кон болниците и дополнително да спласне бројот на нови случаи“, рече Филипче.
Од реакциите на граѓаните, меѓутоа, очигледно е дека за нив останува мистерија како тоа дополнителните мерки овојпат ќе дадат резултат, со оглед дека претходно токму широката распространетост на вирусот беше посочена како пречка за таков позитивен исход.