„Нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале, тоа е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет и да бидеме заштитени. Ризикот да се добие Ковид-19 е многу висок. Сега, со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории. Затоа, апелирам граѓаните да ја сфатат оваа работа многу сериозно“, изјави министерот за здравство – Венко Филипче, денеска во вестите на ТВ „Сител“.
Според него, ситуацијата со коронавирусот во земјата, откако започна вакцинацијата и сега – со амплификацијата на целиот процес со новите мерки, е многу подобрена. Но, вели Филипче, само кај вакцинираните граѓани.
„Сега имаме пандемија, вирус кој што многу се шири кај невакцинираните граѓани. Огромен процент од вкупниот број на дијагностицирани пациенти – над 87% се невакцинирани, а исто така од вкупниот број на починати близу 90 проценти се невакцинирани граѓани“, рече тој.
Министерот нагласи дека најавените нови мерки – со кои само со примени две дози ќе може да се оди на настани, во затворени простории, во угостителски објекти и молови – се логичен след на она што веќе како мерка е воведено. Потенцираше дека и при воведувањето на тие мерки ќе се остави доволно простор – две до три недели, за да можат граѓаните да се вакцинираат.
Во однос на здравствениот систем, Филипче потенцираше дека таму каде што опфатот со вакцинација е низок – преоптоварен е и здравствениот систем, но и обратно: онаму каде што опфатот со вакцинација е прилично висок – како во Охрид, Неготино, Кавадарци, Вевчани, Штип – болниците можат да функционираат и без дополнителни кревети надвор од тие во инфективните одделенија.
Прашан за потребата од трета доза вакцина, Филипче истакна дека трета доза најверојатно ќе биде потребна за сите граѓани.
„Очекуваме да излезат клиничките студии кои што ги прави компанијата Фајзер. Според укажувањата и најавите, таа трета доза многу веројатно ќе биде потребна за сите граѓани, но сѐ уште е рано, чекаме да излезат официјалните студии и потоа да излеземе со соодветна препорака. Имаме голема разлика кај различни возрасни категории. Вкупниот број на вакцинација е 37 проценти на целокупното население, најмалку со една доза 45-6 проценти од граѓаните и околу 55-6 проценти кај граѓаните над 40 години. Како расте возрасната група на граѓани така се зголемува опфатот со вакцинација, на пример близу 70 проценти од граѓаните над 70 години се вакцинирани“, истакна министерот за здравство.