Филипче: Имунитетот од вакцината е подолготраен и поефикасен

Нема дилема дека антителата што се создаваат кај пациентите по прележниот вирус штитат одреден период, но имунитетот стекнат од вакцината е многу подолготраен и поефикасен, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче.

На прес-конференцијата во Владата каде беше промовирана националната кампања за помасовно вакцинирање, Филипче рече дека препораката прележаните да се вакцинираат 45 дена по завршување на болеста е со цел овие лица да стекнат подолготраен имунитет од една страна и да се заштити здравствениот систем од следни бранови од друга страна.

„Тоа што сакаме да го постигнеме со нашата препорака е граѓаните што порано се вакцинираат по прележување на болеста за да што порано се стекнат со подолготраен имунитет. На тој начин постигнуваме две работи – прво оние граѓани кои ја прележале болеста да стекнат подолготраен имунитет, но истовремено да го заштитиме и здравствениот систем. Зошто? Заради тоа што не секој пациент реагира еднакво – некој развива антитела, некој не. После овој бран може да се соочиме со некој нов кога една одредена група на граѓани кои сега се болни, тогаш ќе бидат во фаза кога антителата им паѓаат и тие повторно се ризична категорија на граѓани“, појасни Филипче.

Коментирајќи британска студија која покажува дека прележаните имаат подобар имунитет од оние кои се вакцинирале, Филипче со став дека се прават голем број на студии, но оти важно е на кој начин тие се прават, односно зависи од повеќе фактори.

Препораките што ги дава нашиот Комитет за имунизација се должат на анализа на повеќе студии, рече Филипче, додавајќи дека препораките на нашиот Комитет се совпаѓаат со оние од Светската здравствена организација.

Во однос на барањата на коморите за олеснување на мерките, Филипче посочи дека според него актуелните мерки треба да останат исти сѐ додека не се зголеми колективниот имунитет. Ако продолжи вакцинацијата со ова темпо, според Филипче, кон средината на октомври би имале пораст на колективниот имунитет.

„Досега заклучно со викендот вакцинирани се 660 илјади граѓани од кои 101 илјада се ревакцинирани. Со ова темпо ако продолжиме, верувам дека некаде до средината на октомври ушти повеќе ќе порасне колективниот имунитет. Може да стигнеме до милион граѓани кои ќе бидат вакцинирани. Тоа е сериозен процент – близу 70 проценти од полнолетните граѓани, што е многу битно имајќи предвид дека почнува учебната година, а тоа е нешто што го сметаме за одреден ризик. Така што сакаме во овој есенски период, кога освен учебната година, сѐ повеќе луѓе ќе бидат во затворени простории, да бидеме што побезбедни“, истакна Филипче.

Според проследните проценки, како што посочи, за да се постигне колективен имунитет потребно е да биде вакцинирано околу 80 проценти од населението.

- Реклама -