Филипче: Европа и светот веќе воведуваат ограничувања за невакцинираните, апелирам граѓаните што побрзо да се вакцинираат

Министерот за здравство Венко Филипче апелира граѓаните што побрзо да се вакцинираат, потенцирајќи дека во Европа и светот веќе се воведуваат ограничувања за невакцинираните и за влез во затворен простор, пристап до угостителски, спортски или други услуги – се бара задолжително приложување на вакцинален сертификат.

Министерот уште еднаш повтори дека вакцините се безбедни и дека вакцинацијата е единствено ефикасно оружје против пандемијата.

„Земјите веќе ги предупредуваат нивните граѓани да се вакцинираат како не би се соочиле со ограничувања за нормално функционирање.

Упатувам апел до сите граѓани кои сѐ уште не се вакцинирале – да го направат тоа што побрзо. Вакцините се безбедни и ефикасни, само масовната вакцинација може да стави крај на светската ковид пандемија“, порача Филипче.

Според Министерството за здравство, досега се аплицирани вкупно 725.902 дози вакцини, а ревакцинирани се 272.129 граѓани. Вчера вкупно се вакцинирале 10.817 граѓани, од кои прва доза вакцина вчера примиле 6.076 граѓани.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

Со овие бројки, 58% од населението над 70 години, односно 55% од населението над 65 години, односно 51% од населението над 60 години – имаат примено барем една доза вакцина.

Во последните 24 часа, во државата се направени 3.667 тестирања, а регистрирани се 19 нови случаи на КОВИД-19. Новозаразените се од:

• Скопје – 8
• Тетово – 5
• Куманово – 2
• Гостивар, Кочани, Гевгелија и Дебар – по 1.

Последен пат починато лице од ковид беше регистрирано во дневниот извештај на 9 јули.

Досега во земјата се направени вкупно 927.182 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.901, бројката на оздравени пациенти е 150.168, на починати е 5.487, а бројот на активни случаи изнесува 246.

- Реклама -