Во моментов околу 180.000 македонски граѓани кои се пријавиле за вакцинација чекаат да примат прва доза вакцини. Иако залихите (за прва доза) во моментов се мали, се очекува во следните 7 дена да пристигнат 500 илјади вакцини од кинеската „Синовак“, која СЗО пред два дена ја одобри за итна употреба, соопшти денеска со доза на резерва министерот за здравство Венко Филипче, откако утрово добил таква информација.
Освен тоа, и Грција, во соработка со Европската комисија, најави дека ќе помогне со по 20 илјади вакцини за Македонија и Албанија. Помош најави и Бугарија, која ќе одвои, односно донира 150 илјади вакцини (веројатно „Астра Зенека“) за соседните земји на Западен Балкан. Според бугарскиот министер за здравство Стојко Кацаров, официјални барања досега пристигнале од Македонија, Албанија, Косово и БиХ.
За порачаните руски вакцини „Спутник В“, сѐ уште нема никаква информација, но Филипче смета дека причината не е поврзана со протерувањето на рускиот дипломат од Македонија. Министерот за здравство рече дека секојдневно комуницира со амбасадорот на Русија и дека и тој самиот ги очекува информациите.
„Не верувам дека тука има некаква политика. Практично секојдневно сме во комуникација и мислам дека е прилично искрен во тој дел. Со лични контакти и заложби направи да чекаме многу кратко време од нарачката до испораката на првата количина“, рече Филипче.