Министерот за здравство Венко Филипче реагира на, како што вели, еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеја. Тој потенцира дека тоа е одговорност на организаторите на настаните и побара санкции за неспроведувањето на протоколите во конкретниот случај. Воедно, министерот потсети и дека јавното здравје е заедничка одговорност:
„Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50% публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 м, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител.
Организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува.
Грижата за колективното здравје е заедничка одговорност, која во овој случај треба да ја понесе организаторот на настанот. Ги повикувам надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните“, напиша Филипче на Фејсбук.
Како што пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“, а е евидентно и од фотографиите споделени на социјалните мрежи, на концертот во античкиот локалитет Хераклеја не беше запазена потребната дистанца меѓу гостите, а и голем дел од нив не носеле маски. Битолчаните кои биле меѓу гостите, пак, тврдат дека сите на настанот влегле со маски и им била мерена температура, но потврдуваат дека меѓу публиката ја немало потребната раздалеченост и дека дел од луѓето ги извадиле маските.