Од самиот почеток на пандемијата, социјалните мрежи се преполни со дезинформации, тенденциозни лажни вести и теории на заговор околу коронавирусот. Сето наведено се пресликува и во Македонија. Еден од најчесто сретнуваните коментари во оваа насока се, на пример, обвинувањата дека намерно се пумпаат бројките на заразени и починати за власта да земе повеќе пари, односно дека колку повеќе заразени/починати има една земја, толку повеќе пари ќе добие од Светската здравствена организација (СЗО).
„Апсолутно лажна вест“, вели министерот за здравство Венко Филипче, прашан за ваквите гласини, во интервју за „Слободен печат“. Тој е категоричен дека соработката со СЗО е во насока на споделување искуства:
„Соработката со Светската здравствена организација која што практично започна уште на почетокот на кризата апропо коронавирусот, беше во насока на споделување искуства од Кина и од Италија, понатаму во насока на препораки кои произлегуваа од искуствата на другите земји и координација на активностите меѓу нив во регионот и во Европа. Апсолутно нема никаков финансиски бенефит, ниту од бројот на пациенти, ниту од починати, тоа е дефинитивно една лажна вест“, вели Филипче.