Фил Леш, основач на легендарните Grateful Dead, почина на 84-годишна возраст


Фил Леш, еден од основачите на Grateful Dead чија бас гитара му даде специфичен звук на бендот, почина во петокот на 84-годишна возраст, беше објавено на неговиот кориснички профил на социјална мрежа Instagram.

Фил Чепмен Леш е роден на 15 март 1940 година во калифорнискиот град Беркли.

Њујоршкиот Емпајер Стејт Билдинг објави дека облакодерот ќе биде осветлен во боите на „tie-dye” за да му оддаде почит на членот на психоделичниот бенд познат по долгите импровизации на своите настапи.

Според објавата на Instagram, Леш починал мирно, опкружен со своето семејство.

Магазинот Rolling Stone го прогласи Леш за 11-ти најдобар басист на сите времиња, а пееше и водечки и придружни вокали. Многу обожаватели го сметаа за исто толку влијателен како фронтменот на бендот Џери Гарсија, кој почина во 1995 година.

„Неговата идеја да свири бас и мелодија истовремено, со неговите тонови кои се движат во и околу мелодијата, стана исто толку карактеристичен дел од звукот на Grateful Dead како гитарата на Гарсија“, напиша Rolling Stone.

„Фил беше повеќе од револуционерен, иновативен басист. Тој го промени начинот на кој размислував за музиката како тинејџер“, напиша на Instagram Треј Анастасио, главниот гитарист на групата Phish.

Групата Grateful Dead е основана во Пало Алто во американската држава Калифорнија во 1965 година, а стана позната за време на контракултурното движење „Summer of Love“ во Сан Франциско во 1967 година, кое го прифати мирот, љубовта и халуциногените дроги.

Сепак, музиката на бендот траеше многу подолго од движењето како мешавина од рок, фолк, кантри и џез. Во музичките енкциклопедии се наведува дека Grateful Dead станаа познати по нивниот исклучителен и еклектичен стил, кој ги спојуваше елементите на рок, психоделија, експериментална музика, џез, кантри, фолк, блуграс, блуз, реге и спејс рок при изведбите во живо.

По смртта на Гарсија, долгогодишните членови Боб Веир, Бил Кројцман и Мики Харт формираа различни бендови наречени Dead & Company, а Леш одлучи да создаде свој бенд Phil Lesh and Friends, кој беше активен до 2023 година.

- Реклама -