Фијала: Украина има право да ја гаѓа Русија со западно оружје

Чешкиот премиер Петр Фијала пред денешниот состанок со претставници од Полска, Данска, Холандија и Летонија за помош за Украина, изјави дека земјата, бидејќи била нападната, има право да користи западно оружје и за цели на територијата на Русија.

– Сметам дека тоа е сосема логично. Украина е земја која се брани од руска агресија, ја штити својата територија и своето цивилно население. Како земја која е нападната, таа секако има целосно право да ги искористи сите можности за своја одбрана, рече Фијала за апелот на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг сојузниците да го укинат ембаргото за цели во Русија за оружјето што го испратиле.

Чешкиот премиер ги демантираше вестите во неколку германски медиуми дека некои сојузници на НАТО размислуваат да испратат свои војници во Украина доколку ситуацијата на фронтот драстично се влоши за да не чекаат да се појави руската армија на нивните граници.

– Тоа се работи кои се појавуваат некаде во медиумите. Тоа не е нешто што би било на маса во овој момент. Ние се обидуваме да ги искористиме методите за поддршка што ги развивме во последните две години и се обидуваме тие методи да ги направиме што е можно поефикасни и да и овозможиме на Украина да се одбрани, рече чешкиот премиер.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

Фијала рече дека на денешната работна вечера ги поканил претседателот на Полска и премиерите на Данска, Холандија, Летонија и Украина токму за подобра координација и зголемување на помошта за Украина во оружје, како и финансиска и хуманитарна помош.

– Во тешка фаза сме, украинската одбрана е во многу тешка ситуација, но мислам дека некои чекори, секоја иницијатива за муниција и фактот дека САД одобриле помош и сега целосно и помагаат на Украина, може да ја сменат ситуацијата на фронтот, рече Фијала.

Чешкиот премиер потврди дека во јуни на фронтот ќе пристигнат првите пратки со муниција од иницијативата што Чешка ја покрена во февруари, а во која се вклучија повеќе од 20 земји, за итна набавка на 800.000 парчиња артилериска муниција за украинската армија во трети земји.

- Реклама -