Фидел Кастро и 600-те обиди за атентат

Фидел Кастро беше еден од најсаканите или најомразените светски лидери, зависи кого ќе прашате. Според поновите сознанија, многу е јасно кој би бил одговорот на тоа прашање на ЦИА.

Кастро умре на 90 години, и е право чудо што живееше толку долго. Наводно, американската влада се обидела да го убие кубанскиот комунистички лидер дури 638 пати – толку многу, што поранешен директор на Кубанската разузнавачка служба може да ги подели по администрации: 38 обиди за атентат во времето на Ајзенхауер, Кенеди – 42, Џонсон – 72, Никсон – 184, Картер – 64, Реган – 197, Буш Постариот – 16, и Клинтон – 21.

Сите овие обиди се покриени во британскиот документарец насловен „638 начини да се убие Кастро“, од кои, очигледно, ниту еден неуспешен.

Добар дел од нападите биле како од цртан и потсетуваат на Којотот и неговите скапи уреди со кои се обидува да ја фати Брзата птица итрица. Не сите обиди се верифицирани, а еден од тие е и екслозивната пура, на пример.

Останатите се референцирани во подоцна објавени „строго доверливи“ документи и во британскиот документарец, меѓу кои и сценариото кое ЦИА го сковала во соработка со мафијата, според кое мафијата требало да стави отров во милкшејкот на Кастро. Друг обид – кога поранешната љубовница на Кастро требало да му подметне отровни апчиња, но наместо тоа ги растворила во лосион за лице, бидејќи немала доволно храброст и решителност да го спроведе планот. Згора на тоа, таа подоцна ќе изјави дека се покажало дека Кастро знаел за планот, и дека дури и ја завел давајќи ѝ го сопствениот пиштол. „Не ни трепна. Толку многу беше сигурен во мене. Водевме љубов“, раскажа за Vanity Fair во 1993-та година.

Еве уште некои од поинтересните обиди на ЦИА да го убие Кастро:

• Експлодирачки морски полжав
• Труење на нуркачкиот костум со габи кои предизвикуваат фатална болест на кожата
• Смртоносна инекција во форма на пенкало
• Дрога во пурите која требало да направи Кастро да изгледа глуп за време на говор
• Талиумска сол во кондурите за да направи да му отпадне брадата

Последниот документиран обид по неговиот живот е од 2000-та, во кој 90 килограми експлозив бил подметнат под подиумот во Панама на кој Кастро требало да говори. Да не бил безбедносниот тим на Фидел, може и ќе им успеело.

Кастро еднаш дури има и речено, според документарецот: „Ако преживувањето на обиди за атентати беше олимписки спорт, јас ќе освоев златен медал“. Тој и самиот го потцртуваше фактот дека судбината има голема улога во тоа што уште е жив, а сметаше дека обидите по неговиот живот се речиси смешни.

На крајот, ЦИА остави најмоќниот да се справи со диктаторот – времето. Кревкото здравје на Фидел беше тоа што го натера да му ја предаде власта/моќта на Раул Кастро во 2008 година.

- Реклама -