„Не беше во право министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кога изјави дека ФФМ нема обврска да го менува името“, изјави во интервју за „Вечер“ директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) – Наумче Мојсовски.
Тој објасни дека ФФМ има добиено пари од АМС, односно од државата, и тоа околу 1.4 милиони денари за младински категории, во февруари. Според Мојсовски, ФФМ мора да го смени името и да ги почитува законите, а во спротивно најави стопирање на средствата.
„Законот е јасен за сите. Не може 64 федерации кои се признаени од државата и од АМС да се усогласени со законот за спорт, а една да не е. Тоа е голем проблем затоа што тие не ги почитуваат државните закони, а бараат средства од нас и сè друго. Законот мора да важи за сите и проблемот е тука без разлика дали Сејдини е претседател или некој друг. Прво да заврши ЕП, а потоа, со 99% сигурност можам да потврдам дека ќе ги стопирам сите средства за клубовите поради непризнавање на законот на самата држава. Јас немам друг избор освен тоа да се случи. Тие може да се повикуваат на некаков закон во УЕФА или ФИФА, но клубовите играат во Македонија, шампионот ја претставува нашата земја во ЛШ. Станува збор за Фудбалската федерација на Македонија и ти имаш обврска да ги почитуваш законите на Македонија. УЕФА вика дека треба да се почитуваат нивните закони, но и законите за спорт во државата. Кога не си усогласен со законот ти организираш нелегитимно собрание. Како тоа ‘прво ќе избереме претседател, па потоа ќе го примениме законот за спорт’? Ќе има реакција и за организираното собрание, ќе ги стопирам сите работи кон ФФМ. Мора да сфатат дека не се над законот, не се над државата! Ако нешто се случи тие нема да одговараат пред државата? Ќе одговараат пред УЕФА или ФИФА? Тие примаат средства од АМС, тие средства се ваши, мои, од плаќање на данок на оваа држава. Како тие бараат средства од нас, а не ги почитуваат законите? Уште во 2017 година кажаа дека ќе се усогласат со законот, а од тогаш поминаа четири години. Ова нивно однесување води кон анархија, а јас сум против тоа и затоа ќе ги стопирам сите средства. Дури 99% од клубовите се финансираат од АМС и затоа ќе видиме колку е важна државата и законите. Можеби тоа е на штета на клубовите, но не е можно да добиеш поддршка за нешто нерегуларно, да бидеме сооучесници со вас. Јас како спортист нема да застанам, нема враќање назад и ќе го истуркам до самиот крај“, рече Мојсовски за конфликтот меѓу АМС и ФФМ.
Конкретно околу името на фудбалската федерација, тој додаде:
„Ние мора да го испочитуваме Преспанскиот договор и има две опции. Едната е да биде Фудбалска федерација на Северна Македонија, а втората е да биде Фудбалска национална федерација. Нема федерација во Македонија која не примила средства од АМС, освен тие кои се блокирани. Има проблем и со пливачката и скијачката федерација и ќе мора да се организира вонредно собрание за да претседателот добие легитимитет. Има уште неколку федерации во кои постои самоволие, мислат дека тоа е нивна фирма, дека е нивна сопственост, а 99% од помалите федерации се спонзорираат од нас“.