ФФМ го осуди нападот на Сејдини: Директен удар врз вредностите на фудбалот, спортот и демократијата

Оттаму велат оти нема да дозволат насилството да стане „средство за влијание“ и додаваат дека изборот на раководни лица во Федерацијата се одвива преку легални и демократски процедури, со гласови на делегатите, а не со закани и насилство

Нарекувајќи го кукавички и срамен, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрази најостра осуда за нападот врз претседателот на организацијата Муамед Сејдини, што се случи вчеравечер пред скопски ресторан.

„Овој чин на насилство е неприфатлив и претставува директен удар врз вредностите на фудбалот, спортот и демократијата, воопшто“,

се наведува во соопштението на ФФМ.

Оттаму велат оти нема да дозволат насилството да стане „средство за влијание“ и додаваат дека изборот на раководни лица во Федерацијата се одвива преку легални и демократски процедури, со гласови на делегатите, а не со закани и насилство. Посочуваат оти Муамед Сејдини на оваа позиција е избран на легален начин и дека на истиот начин ќе го заврши или продолжи својот мандат како претседател на ФФМ.

„Насилството никогаш нема да биде средство кое ќе го одреди неговото присуство или заминување. Претседателот на ФФМ останува непоколеблив пред ваквите закани и притисоци. Тие не ја ослабнуваат неговата решителност, туку напротив ја зајакнуваат неговата посветеност кон интегритетот и транспарентноста во спортот“,

велат од Федерацијата.

За вчерашниот инцидент ФФМ го информирала и раководството на УЕФА и ФИФА. 

Од домашните надлежни инситуции, пак, побараа да го истражат случајот до крај, со цел сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, вчера попладне беше физички нападнат пред угостителски објект во Скопје од страна на неколку лица. Засега нема информација за причините за нападот, а од МВР велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите и расчистување на случајот.  

Нападот врз Сејдини денеска го осуди опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), изразувајќи загриженост дека ова треба да биде силен аларм оти меѓуетничките тензии во земјата се зголемени.

- Реклама -