Фетел најбрз во Јапонија, Алонсо излета

Германскиот возач Себастијан Фетел го освои првото место на трката за Големата награда на Јапонија, што се одржа на легендарната патека „Сузука“.

Тоа беше 15. трка од годинашниот шампионат во Формула 1, а Фетел беше доминантен од почетокот, па сѐ до крајот. Прв мина низ целта со вкупно време од 1:28:56:262, пред второпласираниот Фелипе Маса кој задоцни 20 секунди, а до третата позиција стигна домашниот возач, Камуи Кобајаши на Заубер.

Бодови во оваа трка освоија уште и Џенсон Батон, Луис Хамилтон, Кими Раиконен, Нико Хулкенберг, Пастор Малдонадо, Марк Вебер и Даниел Рикијардо.

Фетел беше надмоќен, но имаше голема борба за останатите позиции во оваа трка. Возбудливо беше уште на стартот, кога во првиот круг, на првиот свиок, излета Фернандо Алонсо, па Себастијан Фетел доби шанса за сериозно да му се приближи во генералниот пласман.

Прочитајте и:  Истражување: Јапонците најмалку уживаат во љубовниот живот

По овој триумф, сега Фетел заостанува само четири бода зад Фернандо Алонсо во генералниот пласман, што го прави продолжението од сезоната во Ф1 мошне возбудливо. Алонсо е на врвот со 194 бода, пред Фетел со 190 бода, а следат Раиконен со 157 и Хамилтон со 152 бода.

Шампионатот во Формула 1 продолжува веќе следниот викенд со трката за Големата награда на Јужна Кореја, на патеката Јеонгам.

- Реклама -