„Повеќе фирми во Р. Северна Македонија и странски инвеститори се изложени на лажно информирање од порталот ИРЛ“, реагираат од „Фероинвест“ по повод објавите на порталот во кои се тврди дека Кочо Анѓушев, односно негови фирми, се поврзани/се сопственици на проектот за Фотонапонска електроцентрала во Осломеј.
„Делувањето на ИРЛ нема евидентна поддршка од професионалните редакции и оттаму како дел од стопанската заедница во земјата сакаме да дадеме информација до другите медиуми и преку нив до пошироката јавност, од причини што порталот ИРЛ го ускратува уставното право на демант и не ги објавува испратените деманти од кои се гледа дека нивните објави се лажни“, обвинуваат од „Фероинвест“.
ИРЛ, велат, никогаш не се обраќа до нив како втора или засегната страна за став или проверка на податоци, а тоа, констатираат во реакцијата, „јасно зборува за нивна тенденциозност и однапред испланирани негативни текстови, без оглед на фактите“.
„Фирмите во сопственост на Кочо Анѓушев и Кочо Анѓушев лично, не се сопственици на проектот Фотонапонска електроцентрала во Осломеј. Фирмата РЕС на Кочо Анѓушев се занимава со трговија со струја и нема никаков сопственички удел, ниту целосен ниту делумен, во ФЕЦ Осломеј. Во лажните текстови се прави обид да се прогласи вертикална сопственост преку хоризонтална кадровска поврзаност, што е досега невидено во корпорациското работење и зборува или за капацитетот за разбирање на темата или за намерно лажно информирање“, се вели во демантот на „Фероинвест“.
„Ги охрабруваме сите медиуми да испратат прашања на наведената тема со цел да добијат точни податоци, бидејќи лесно се проверува кој е вистински сопственик и изведувач на соларната електрана во Осломеј избран на јавен оглас од државата, кој самиот реагираше до ИРЛ на нивниот обид да оспорат легална сопственост на странска компанија во државата“, додаваат од групацијата.