По речиси две години пауза, Рио Фердинанд доби повик за настап за селекцијата на Англија, но 34 годишниот дефанзивец се повлече поради загриженост за својот фитнес, и тренинг програмата која мора да ја следи поради проблемите со грбот.
Фудбалерот на Манчестер Јунајтед вчера имал средба со селекторот Рој Хоџсон и го известил дека во моментов не е во можност да одговори на повикот, но изразил желба да остане во комбинација за следните натпревари.
„Разочаран сум што нема да можам да сметам на Рио, но поради детално испланираната тренинг и медицинска програма што тој мора да ја следи, не е возможно да и се приклучи на репрезентацијата” – рече Рој Хоџсон.
„Сепак, бев задоволен што Рио ми се јави и побара да се сретнеме. Важно беше лично од него да слушнам за начинот на кој тој треба да се грижи за своето тело помеѓу два натпревари”.
„Исто така бев импресиониран од неговата посветеност кон Англија, и се надевам дека во иднина одново ќе го повикам”.
Самиот Фердинанд рече: „Ми беше важно да разговарам со Рој лице во лице, да му ја објаснам ситуацијата и да му ставам јасно до знаење дека мојата страст и посветеност кон Англија е иста како и секогаш”.
„Разочарување е тоа што нема да можам да играм на престојните натпревари, но му кажав на Рој дека сакам да останам во комбинација за средбите во иднина”.
Стивен Колкер од Тотенхем е повикан како замена за Рио Фердинанд.
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал.