Фејсбук ќе таргетира семејства

За многумина, макар и од принцип, Фејсбук веќе е премногу интрузивен, особено кога ве таргетира со реклами за нешто што сте го пребарувале надвор од Фејсбук.

Ама Фејсбук не запира тука и во иднина планира да биде уште понаметлив. Сега ќе го таргетира цело ваше семејство истовремено. На пример, ако ви стигне реклама за некој си хотел, очекувајте дека можеби истата таа реклама ја гледаат и другите членови од вашето семејство што имаат свои профили на мрежата.

Компанијата, како и обично, наведува фино обландирана причина – дека со тоа се надева да ве седне на заедничка вечера и да ве натера да поразговарате околу хотелот, па ете, можеби и да отидете на семеен одмор, со што уште повеќе ќе ве зближи со семејството.

Но сепак, вистината е дека групното убедување води до подобри резултати кога, на пример, целото семејство треба да се убеди дека му треба баш претплата на Netflix, или можеби на членот кому му се ближи роденден да му купите заеднички подарок, кој ете, сосема случајно сте го виделе додека сте скролале по timeline-от.

Од друга страна, корисниците се плашат дека семејното таргетирање може на поединечни членови на семејството да им открие што планирате да им купите или какво изненадување им спремате. Жена, на пример, може да се посомнева дека сопругот ја изневерува ако почнат да ѝ се прикажуваат реклами за романтични патувања кои сопругот претходно ги нема спомнато… Фејсбук веројатно има многу понапредни алгоритми и нема да дозволи ваква практично почетничка грешка. Но, не значи дека самиот алгоритам не може да згреши.

Сепак, вистинската причина за загриженост е што рекламирањето на Фејсбук станува поефективно, и како и секогаш, на сметка на вашата приватност. На пример, Фејсбук нема да чека да означите некого како брат или сестра, туку ќе идентификува семејства врз основа на споредба на презимиња, локации на кои имате заедно патувано или сте се чекирале, а тоа во комбинација со информациите што ги имате наведено, како тоа дали сте во брак или имате дете. Ќе користи и други локациски податоци, како вашата IP адреса или поштенски број. Секако, ќе ги користи и податоците од другите страници и компаниите со кои соработува и до моментов или ќе соработува во иднина, како што впрочем прави и многу одамна.

Минатата година, од огласување Фејсбук инкасираше 7.9 милијарди долари фунти. Со оглед на фактот дека од скоро Фејсбук достигна 2 милијарди корисници, јасно е дека нема да ја чува таа огромна база (од податоци) за украс.

Утешно е што сега за сега, Фесјбук сé уште ни дава опција со која наводно излезегуваме од магичниот круг на таргетираното рекламирање. За конкретнава опција – семејно таргетирање, ќе треба да ја исклучите категоријата “ember of a family-based household” во сетинзите за приватност. Како и обично, многу од корисниците нема да знаат дека постои. Затоа, наш совет е одвреме навреме да проверувате што сé имате таму на располагање, чисто за да си го сетирате профилот по ваша мерка (колку што се може), а и нас да нé поштедите од вакви текстови.

 

- Реклама -