Роџер Федерер ќе мине извесен период надвор од терените откако самиот обелодени дека поради премореност планира да ги пропушти следните неколку турнири на АТП календарот.
Швајцарецот имаше напорен период со настапите на Вимблдон, Олимписките игри во Лондон и на УС Опен, за по дуелите за својата земја во Дејвис купот да обелодени дека ќе земе одмор. Станува збор за пауза на неодредено време, откако Федерер одби да даде поточна прогноза околу тоа кога би можело повторно да го видиме на тениските терени.
„Пред сè, потребен ми е одмор. Се чувствувам преморен, ова лето беше премногу напорно за мене и морам да минам извесно време надвор од тенисот за да ги наполнам батериите. Неблагодарно е да прогнозирам кога ќе се вратам, што и да кажам во моментов може да биде лага. Најважно ми е да го стабилизирам телото, потоа ќе размислам и ќе донесам одлука околу својот камбек на терените“ изјави Федерер.
Светските медиуми ваквите коментари на Швајцарецот ги најавија како најава за пензионирање, со оглед на фактот дека Федерер и онака освои сè што можеше да се освои и ги урна сите позначајни рекорди во светот на тенисот.
Сепак, останува да се види колку време ќе му биде потребно на прворангираниот светски тенисер за да се врати на терените и дали притоа тој ќе ги обелодени своите планови за иднината.
Во секој случај, отсуството на Швајцарецот на следните неколку турнири ќе му овозможи на Новак Ѓоковиќ сериозно да му се приближи во битката за првото место на АТП листата, со оглед на фактот дека Федерер ќе брани многу поени поради извонредните настапи во овој период од ланската година.