Фаучи: Се надевам дека ФДА наскоро трајно ќе ги одобри вакцините против Ковид-19

Вашингтон, 9 авгуист 2021 (МИА) – Главниот експерт за заразни болести на американската Влада, д-р Ентони Фаучи, се надева дека до крајот на месецот американската Администрација за храна и лекови (ФДА) ќе издаде конечно, трајно одобрување за вакцини против коронавирусот.

Фаучи истакна дека таквиот потег може да го охрабри голем број граѓани да се вакцинираат, особено во училиштата и универзитетите.

ФДА одобри вакцини од Фајзер, Модерна и Џонсон и Џонсон само за итна употреба, но се очекува овие препарати наскоро да добијат постојана лиценца.

Администрацијата на Бајден изјави дека вакцинацијата не е задолжителна освен за вработените во федералните институции, но Белата куќа упати апел до федералните и локалните власти, како и компаниите, да размислат за донесување слични одлуки.

Д-р Фаучи, кој е главен медицински советник на претседателот Бајден, рече дека „мора да се преземат чекори на локално ниво“ за да се спречи понатамошното ширење на вирусот.

„Се надевам, не предвидувам туку само се надевам, дека тоа ќе се случи во следните неколку недели и се надевам дека ќе биде во август“, посочи Фаучи, зборувајќи за трајното одобрување на вакцините од ФДА.

- Реклама -