ФАЦ: ЕУ размислува наместо „македонски“ да користи „соодветниот службен јазик“, но чувствителностите сериозно се сфаќаат во Брисел

Во Брисел во моментов се води спор што може да има сериозни последици за иднината на проширувањето на ЕУ, пишува во денешното издание германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пренесува „Дојче веле“.

Ставовите на официјална Софија дека Македонците треба да признаат дека настанале преку „историски фалсификат“ пред кој всушност биле Бугари и зборувале бугарски, според ФАЦ, немаат поддршка од ниту една друга земја членка на ЕУ, туку напротив. „Во кругот на амбасадорите на ЕУ, настапите на бугарскиот амбасадор од оваа и минатата недела наидоа на неразбирање и чудење. Никој не му се приклучи, ни Грците, ниту Французите или Холанѓаните, кои пред една година го блокираа почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија (и Албанија)“, пишува весникот, пренесува „Дојче веле“.

Во Брисел, исто така, се наведува во текстот, се чудат зошто Бугарија не ги изразила овие забелешки порано, како на пример во 2018 година, кога се решаваше спорот за името меѓу Македонија и Грција. Ставот на Брисел, според весникот, е дека во земјите од Западен Балкан веќе постојат доволно проблеми (од слаби институции до широко распространета корупција) и дека  во ниту еден случај пристапниот процес на овие земји не треба да се оптоварува со идентитетски прашања.

Весникот, сепак, не негира дека Бугарија може да ги блокира процесите за отворање на преговорите, за кои клучната одлука ќе се носи од страна на министрите за надворешни работи на ЕУ на 10 ноември. Затоа, пишува, Германија инсистира ваквите спорови да се решаваат билатерално и да не бидат дел од преговарачката рамка.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Според ФАЦ, меѓутоа, во Брисел се шпекулира дека може да се направи „неутрална референца“ во документите на ЕУ во однос на јазикот, односно наместо „македонски“ да биде наведен како „соодветниот службен јазик“, без да биде именуван. Сепак, во текстот се посочува дека со таков чекор се допираат чувствителностите кои сериозно се сфаќаат во Брисел, а се втемелени на принципот дека „не можат други да решаваат за тоа како една земја ќе си го нарекува јазикот“.

„Бугарското тврдење дека постои само една ‘историска вистина’, имено нивната, и дека таа мора да биде цврсто наведена во преговорите за членство во ЕУ, не одговара на 21 век“, заклучува ФАЦ во анализата. Кон бугарската политика со загриженост гледаат сите шест земји на Западниот Балкан, се додава во текстот:

„Доколку во иднина сите земји-членки посакаат да им го наметнат својот поглед на историјата на земјите-кандидати, проширувањето ќе стане невозможно, затоа што и меѓу други земји во регионот постојат противречни историски наративи“, се вели во заклучокот. Целиот текст прочитајте го ТУКА

- Реклама -