Навистина е згрозувачки повикот на квази планинарското друштво „Трансверзалец„ од чие дилетанство, кое се граничи со умисла, загинаа нашите две деца Калина и Алаксандар. Цели три дена од нив не чувме јавно извинување или барем некаков израз на сочувство за прерано трагично изгубените животи. Наместо тоа, друштвото што ја организирало оваа тура под водство на некаков си самопрогласен водич Зоки Москито (за кого се сомневаме дали воопшто има лиценца за организирање на тури во зимски услови, но за кого сме сигурни дека нема физички и интелектуални капацитети да води луѓе ни до Средно Водно), безобразно повикува на молк и на гушење на слободата на изразување. Се разбира, за да ги прикријат големите грешки во целиот овој настан!
Сите социјални мрежи брујат од реакции на гнев и револт поради лошата организација на целиот настан во кој попусто отидоа два млади животи. Планинарскиот сојуз на Македонија треба итно да го преиспита случајот за да се утврди евентулната одговорност и да испита од која причина има неколку противречни верзии за самиот настан. Имено, од која причина турата тргнала кога од грчката страна дале предупредување да не се качуваат бидејќи условите биле екстремно лоши, колку пари се земаат од секој учесник во турата и зошто не се одложила турата за наредната недела, за кога имало прогноза дека ќе биде сончево? Кој ја пуштил веста дека во црквичката биле заробени млада жена и нејзината ќерка и дека треба да се спасуваат? Од која причина, кога се дознало дека двајцата млади планинари ги нема, во 14,30 часот, кога се известени грчките власти, ниту тогаш, ниту во текот на целиот ден, ниту следниот ден (родителите кутри од порталите дознаа), никој од организацијата на турата не ги известил родителите, ниту блиските на двајцата млади луѓе, за несреќата и кои можеле да превземат мерки за спасување?, дали воопшто некој од ова катастрофално друштво имал лиценца за водење на тури во зимски и екстремни услови? Како можеше ова дилетантско друштво, сега да повикува на молк на социјалните мрежи и да бидат толку транспаретни, а истите тие не дадоа никаква објава кога во 14, 30 ( според некои верзии уште во 13, 30 ), утврдија дека нашиве деца исчезнаа и кога можеше да се крена на нозе целата јавност и сите безбедносни служби во државава и во пријателска Грција, за да ни ги спаси децата? Дали особата Москито имал лиценца за водење на тура во зимски услови? Дали оваа особа има положено психолошки тест? Во кој временски период се обновуваат лиценците и кој тоа го контролира ? Од која причина, досега нема никакво известување од друштвото, а од членовите на друштвото имаме информација дека им било забрането да зборуваат било што? Од нив имаме информации дека никогаш досега не биле на вака лошо организирана тура од ниедно планинарско друштво во Македонија. Кој од членовите на турата до доцна во ноќта славеле во кафеана во Лутраки? Што правеле другите членови на групата, од кои се некои искусни планинари, а особено најблискиот и најверниот другар на Калина и Ачек- Дени Ќировски???? Колку пари од оваа тура земал лицето Москито ? Ако времето било екстремно лошо со темепература од минус 20 степени и ветер од 150 км на час, кој дозволил лицата да тргнат на турата со полулесни јакни кои не се ни за пролетни услови, а не за вака исклучително лоши. ….И редица други прашања, прашалници и дилеми, чии одговори ќе ни помогнат за лоцирање на индивудуалната и колективна одговорност за граѓанска и кривична постапка….. И нормално, да се одземе дозволата за работа на овие аматери!
Дали воопшто некој од државните власти ќе се заинтересира на кој начин овие друштва функционираат, дали ги следат прописите за безбедност на планинарите, дали овие тури некаде се пријавуваат и регистрираат, дали постои некоја евиденција, дали овие друштва имаат обврска на некого да пријават вакви тури и каков е нивниот исход? Минатата година се дозволи, младиот Мартин на возраст од 17 години, да оди на ноќна тура на Шапка, но благодарение на околноста што двајца други му го грееле телото на минус 20, истиот преживеа. Треба ли уште некој живот да изгубиме? Ќе се спречи ли ова дилетанство и анарахија и ќе се воведе ред во планинарските тури или ќе се сведе на бизнис во кој човечките животи не вредат ни пет пари????
Од фамилиите на загинатите
Текстот е преземен без никаква интервениција
Преземено од МИА