Човек јаде пица додека е жив, а попат нешто и научува. Како на пример дека цело време погрешно ја јадел пицата.
Настрана тоа што ептен треба да си пурист за да тупиш како треба да се јаде ова или она, ама постои правилен и погрешен начин на јадење пица. Имено, погрешниот го користат скоро сите, а правилниот – главно постарите Италијанци од Наполи.
Трамп, на пример, го уловија како јаде пица со прибор за јадење. Го уловија и како јаде пица обратно, од кората кон врвот на парчето… Јавноста бездруго го распна од критики, а Италијанците пошандрцаа (зборов го употребувам чисто за да го имате во речникот, зашто е од оние ВТФ зборови што ги користат два-тројца и прв пат ги слушаш на 30 години) од лутина.
…Меѓу нив и пица-мајсторот (па и маестро) Енцо Кочија (Enzo Coccia), кој прави тесто за пица уште од дете, кога работел во пицеријата на татко му на еден уличен агол во градот. Енцо има ужасно цврст став за тоа како треба да се јаде пица.
„Ќе се изненадите“, вели Џим Морган од Rudy’s Neapolitan Pizza од Манчестер. „Пораснавме да мислиме дека пицата е нешто што треба да се исече на перфектни парчиња, така да се крене и да се принесе до устата… Ако јадете пица Наполитана на тој начин, целиот фил и сите додатоци ќе испаднат… Луѓето ќе ја вратат на каса и ќе се жалат дека не е допечена. Тешко е да им се објасни дека всушност погрешно ја јадат“.
Па, каде грешиме?
ПРАВИЛО БРОЈ 1: НЕ СЕ ЈАДЕ ТВРДА ПИЦА
Игнорирајте ја секоја пица со тврда основа што сте ја пробале досега. Традиционалната Наполитана е многу помека… И заради тоа не постои начин на кој со нашето погрешно јадење сосот може да остане на пицата. Држејќи ја кај кората, сите додатоци ќе се лизнат од помекиот дел, и ќе останете со голо тесто.
(ГЛАВНО) ПРАВИЛО БРОЈ 2: НЕ ЈА СЕЧИ НА ПАРЧИЊА
Според Енцо, правилниот начин на јадење е пицата да се свитка на двапати, „како паричник“, добивајќи четири слоја кои се јадат одеднаш. Тоа си влече корени уште од старо Наполи, кога Наполитаната се јадела на улица. Плус, користејќи ја оваа техника, постои минимум ризик од истекување на сосот и од тоа да ви паднат додатоците.
За секој случај, еве и видео демонстрација: